УКИМ ги усогласува давачките: Повисоки трошоци за дел од студентите со дигитализацијата

Се усогласуваат давачките што ги плаќаат студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). За студентите на некои факултети ова значи зголемување на трошоците: школарината за студирање останува иста, а покачените давачки гласат на име „онлајн ресурси“ и „материјални ресурси“, дознава Мета.мк.

Додека дел од студентите изразија противење стравувајќи од зголемениот финансиски товар, раководството на најголемиот државен универзитет овој потег го правда со „реалните трошоци“ и модернизацијата на програмите. Дополнително, најавено е дека годинава за првпат запишувањето и заверката на семестрите на цел УКИМ ќе се спроведуваат целосно онлајн, без хартиени документи и редици во службите за студентски прашања.

Нови и „преименувани“ ставки

Ако минатата година студентите на Филозофскиот факултет во Скопје при запишување на зимскиот семестар, покрај партиципацијата, плаќале дополнителни 1.150 денари, од годинава ќе плаќаат 3.650, што претставува зголемување од 2.500 денари.

Во насоките за запишување на новиот семестар што студентите ги добиле на мејл, покрај задолжителните трошоци од 750 денари за информатички, културни и спортски активности (ИКСА) и 100 денари за запишување и заверка на семестар, студентите забележале две нови точки по кои треба да извршат уплата: 2.000 денари за „онлајн ресурси за реализација на студиска програма“ и 800 денари за „Набавка на материјални ресурси за реализација на студиска програма“.

Загрижени студенти од Филозофскиот факултет се обратија до редакцијата на Мета.мк со реакции за зголемените давачки. Велат дека известувањето го добиле неколку дена пред запишувањето на зимскиот семестар и оти се изненадени од дополнителните трошоци.

Меѓутоа, откако направивме кратко истражување меѓу останатите единици на УКИМ, стана јасно дека Филозофскиот не е единствен – најмалку уште два други факултета – Економски и Правен – исто така ги покачиле средствата што студентите треба да ги уплатат од оваа академска година.

Вкупните давачки, покрај партиципацијата, на Економскиот факултет минатата година изнесувале околу 1.400 денари по семестар, додека од овој изнесуваат околу 3.000 денари.

Мета.мк се обрати до ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, која рече дека од годинава давачките на студентите се усогласуваат на сите факултети, односно се укинува праксата студенти на различни факултети да плаќаат драстично различни суми.

За таа цел бил донесен Анекс на Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапките за студирање на прв (додипломски студии) и втор циклус студии (постдипломски студии).

„Ги хармонизиравме школарините на цел УКИМ. Сите услуги што ги плаќаат студентите се усогласени. Некои факултети имаат дополнителни трошоци за материјални ресурси и пристапи до мрежи кои се специфични за нивните програми. Така што, некои факултети имаат воведено давачки, а други ги имаат намалено и усогласено. Сите сервиси што ги имаат студентите сега се усогласени и по иста цена ќе се плаќа на сите единици на УКИМ, односно направено е усогласување меѓу студентите и меѓу единиците“, вели ректорката на УКИМ.

Студентите на УКИМ досега за иста услуга плаќаа различни цени на различни факултети. Така, Потврдата за редовен студент, службите за студентски прашања на едни факултети ја наплаќаа по 200 денари, на други по 100 денари, а на трети – како на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – беше бесплатна.

„Средствата се наменети за потребите на студентите“

Усогласувањето и хармонизирањето на цените на услугите кои ги плаќаат студентите е оправдан и позитивен чекор од страна на универзитетот, вели за Мета.мк деканот на Филозофскиот факултет, професорот Оливер Бакрески.

Тој вели дека во рамки на Филозофскиот повеќе не се наплаќаат определени услуги, како на пример ставката за „испити“ (300 денари), но истовремено се определени нови ставки.

Според Бакрески, новиот Анекс на Правилникот за студирање дозволува факултетите сами да утврдат одредени надоместоци врз основа на нивните спецификации и реални трошоци.

„Во рамките на усогласувањето Филозофскиот факултет повеќе нема да наплатува определени услуги кои ги наплатувал за определени ставки, а во однос на прашањето за плаќањето на ИКСА оваа уплата студентите ја плаќаат години наназад на УКИМ и тоа се средства кои ги користат повторно студентите за нивните потреби. Раководејќи се по реалните трошоци кои ги има факултетот само по две основи за онлајн ресурси и за материјални трошоци, факултетот определи соодветна цена на чинење за наведените ставки кои ги посочивте во прашањето“, вели Бакрески.

Деканот на Филозофскиот факултет додава дека средствата што ги уплаќаат студентите се наменети исклучиво за нивни потреби, за реализација на годишните обврски кои произлегуваат од предметните програми, како и за изработка на семинарски трудови, проектни задачи, презентации, дипломски и магистерски трудови, за што факултетот им овозможува на студентите да користат научна онлајн инфраструктура.

„Научната онлајн инфраструктура која ја нуди факултетот за студентите ја сочинуваат лиценцирани електронски бази на академски ресурси, наменети за потребите на учење и истражување во текот на студирање. Студентите имаат пристап до електронската база за академски трудови JSTOR, која вклучува пристап до голем број на научни списанија, како и пристап до голем број на е-книги. Дополнително, овозможен е интегриран пристап и до базата ARTSTOR, која нуди 3 милиони слики од водечките музеи, архиви на фотографии, вклучувајќи ретки и важни колекции кои не се достапни на друго место и кои опфаќаат широк спектар на дисциплини, претставени заедно со збир на специјализирани алатки за предавање и учење. Потоа, имаат пристап до електронската база Cambridge Core каде се достапни написи од над 450 научни списанија“, вели професорот Бакрески.

Според него, дел од новите средства ќе бидат наменети и за збогатување на библиотечниот фонд на сите дванаесет библиотеки со кои располага Филозофскиот факултет.

Мета.мк зборуваше и со деканите на Економскиот и Правниот факултет, кои се согласија дека новите цени одговараат на реалните трошоци.

„Тие давачки што сме ги имале претходно биле воспоставени пред повеќе од 10 години. Факултетот пред десет години бил во една кондиција, а сега е во друга кондиција. Само во последните четири години се направени инвестиции на Економски, меѓу кои се донесени 350 лаптоп и десктоп компјутери, четири нови современи лаборатории, подобрена е информатичката инфраструктура, воспоставени се оптички кабли за студентите да имаат интернет. Практично, кај нас на факултет, во секој момент може на интернет да се приклучат по 3.000 луѓе без да има проблем со проток на интернетот, што секако е услов за понатамошна дигитализација. Исто така, ние работиме исклучиво со лиценцирани софтвери – сето ова го покриваме од сопствени средства и дел од овие трошоци што ги плаќаат студентите“, вели деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески.

Според него, новите трошоци се само „капка во морето“.

„Ако сакаме да се развиваме, во дел од трошоците мора да партиципираат и студентите. Економскиот факултет како главни извори на финансирање ги има проектите, партиципацијата на студентите и секако покривањето на дел од трошоците од Министерството за образование и наука. Од друга страна, на факултетот имаме и социјална политика, при што лицата што доаѓаат од социјално загрозени семејства со ниски приходи, имаат можност да работат на факултет – на пример, во библиотека и истовремено да ги ослободиме од партиципација“, вели Трпески.

Инаку, од годинава, за првпат на сите факултети кои се дел од УКИМ, запишувањето и заверката на семестрите ќе се спроведуваат целосно дигитализирано, без потреба од пополнување и поднесување на хартиените обрасци на шалтерите на службите за студентски прашања.

Студентите на УКИМ на своите официјални и-мејл адреси веќе добиле насоки за тоа како ќе се одвиваат овие електронски процеси.

Мета