По една деценија од темелите, ќе се реконструира демолираната сала на УКИМ

Обезбедени се средства за реконструкција на спортската сала во општествениот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), информираат од Универзитетот.

Информацијата доаѓа по вчерашна средба на ректорката Биљана Ангелова со дел од Управата на Универзитетот и министерот за спорт Борко Ристовски и претставници од ресорното министерство, на кој, велат од УКИМ, се утврди заеднички акционен план за конечна реализација на проектот за пушање во употреба на спортската сала „Св. Кирил и Методиј“.

„Во соработка со Министерството за спорт обезбедени се средства од буџетот, за реконструкција на салата која е од особено значење за спортот бидејќи во неа е планирано да се изведува настава за над 7000 студенти на општествениот кампус при УКИМ“, соопштија од институцијата.

Салата на УКИМ, ноември 2023 година

Темелите на салата беа поставени во 2013 година, а нејзината изградба заврши во 2019 година. Оттогаш во неа не е одржан ниту еден академски час, а по завршувањето со изградбата таа практично беше оставена сама на себе, отклучена и без институции кои се одговорни за нејзината состојба. Радио МОФ во 2022 и 2023 година пишуваше репортажи за демолираниот изглед на салата која некогаш беше најавувана како ултрамодерна и чија вкупна изградба и опремување чинеа 2,5 милиони евра.

И во двете претходни академски години студенти од 21 катедра на општествените факултети кои задолжително слушаат предмет „Спорт и здравје“, се жалеа дека часовите ги одржуваат на други факултети.

Салата на УКИМ од 2.5 милиони евра демолирана и претворена во јавно веце додека институциите се расправаат на суд

Во меѓувреме Универзитетот и Агенцијата за млади и спорт (АМС) која беше надлежна за изградба на салата, постојано си ја префрлаа вината. АМС во 2022 година за Радио МОФ изјави дека клучот од слата која била готова навреме не можел да се предаде на УКИМ бидејќи Универзитетот не ја исполнил обврската да постави приклучоци за вода и струја. Претходниот ректор Никола Јанкуловски пак тврдеше дека УКИМ ги има исполнето сите обврски.

Следната година од АМС кажаа дека УКИМ има обврска да го запише објектот во катастар.

„И по запишување на објектот заедно со изработената проектна документација потребно е да се обезбеди од Министерство за транспорт и врски соодветен акт за продолжување со градежните активности“, информираа од Агенцијата.

По нив се огласи и УКИМ од каде кажаа дека на почетокот на академската година лани не може да се впише како сопственик на демолираната спортска сала. Со тоа студентите и професорите на општествениот кампус уште една година се снаоѓаа за одржување на часовите по задолжителниот предмет „Спорт и здравје“.

Ангела Бошкоска 

И по една година УКИМ и АМС со исти одговори – пак не се знае кога ќе се среди демолираната сала