Во периодот од 16.09.2024 до 20.09.2024, Центарот за право на бегалци и миграции при Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во партнерство со Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија, по јубилеен петти пат ја организираат летната школа за правата на бегалците и миграциите. Школата се одржува од 16 до 20 септември на Правниот факултет во Скопје.
Темата оваа година е „Меѓународното право за бегалци и заштита на лицата без државјанство: граници, националност и перспективи од глобалниот југ“.
„Летната школа претставува уникатна можност за студенти од целиот свет, од сите три циклуси на студирање, да се стекнат со знаење од областа на право на бегалци и миграција“, велат организаторите.
Програмата опфаќа 12 редовни предавања и дополнителни попладневни сесии распределни во пет дена. Летната школа е, соопштуваат од УНХЦР, дизајнирана да им помогне на студентите критички да размислуваат за прашања поврзани со правата на бегалците и миграцијата во интердисциплинарен и меѓународен контекст. Предавачите на оваа летна школа доаѓаат од целиот свет и се универзитетски професори и експерти и практичари од областа на правото за бегалци и миграцијата и пошироко.
Овогодишната програма исто така ја одбележува 70-годишнината на Конвенцијата на Обединетите нации за бездржавјанство од 1954г. и завршувањето на десетгодишната кампања за ставање крај на бездржавјанството #ЈасПрипаѓам (#IBelong).
„И покрај овие напори, најмалку 4,4 милиони луѓе во светот остануваат без државјанство“, потцртуваат од УНИЦЕФ.
За да го потенцира овој проблем, летната школа има чест да ги претстави г-а Ана Белике, борец за човекови права која се застапува за права на државјанство и еднаквост во Доминиканската Република и г-а Маха Мамо, глобален глас за свет во кој секој има право да припаѓа. И двете имаат искусено живот без државјанство и храбро ги имаат надминато овие предизвици. Нивните сведоштва и преживеани искуства ќе ги контекстуализираат теоретските и правни пристапи кои се дискутираат во ова издание на школата.
Во текот на отворениот повик за летната школа аплицираа 110 студенти од различни делови на светот. Од вкупниот број на апликанти можност да присуствуваат на летната школа добија 50 студенти од 50 држави.
„Додека ги истражуваме перспективите од Глобалниот Југ, мораме да се фокусираме на виталното значење на инклузивните правни рамки кои го препознаваат правото на државјанство, заштита од бездржавјанството и на практичните мерки кои го издигнуваат човечкото достоинство над границите. Јас искрено верувам дека со тоа што сте дел од оваа летна школа, не само ќе ги проширите вашите хоризонти и ќе го изградите знаењето во областа на заштита на бегалци, но и длабоко ќе се инспирирате, вие,
млади правници, да го пронајдете вашиот повик во оваа област и да ја посветите вашата кариера на спасување животи на лицата без државјанство и бегалците“, истакна во своето воведно обраќање Габриел Гуалано Де Годој, претставник на УНХЦР во земјава.
По него се обратија деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф.д-р Сашо Георгиевски и проф. д-р Елена
Михајлова Стратилати, Раководителка на Центарот за бегалци и миграции.
„Факултетот има огромна чест да биде домаќин на меѓународната летна школа која веќе пет години по ред има за цел да мотивира и образува студенти од целиот свет. Оваа иницијатива им помага да станат идни бранители на човековите права и правата на бегалците, со крајна цел ниту еден човек да не биде изоставен“, велат од факултетот.