Вториот уписен рок за прв циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје е во тек денес и утре (17 и 18 септември). Слободни места за нови студенти има на сите факултети, со исклучок на Архитектонскиот и Факултетот за драмски уметности.
На Економскиот и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје не се останати слободни места за студенти во државна квота, туку само за редовни студенти со школарина и за вонредни студенти. Природно-математичкиот факултет останува со најмногу, односно 845 слободни места, потоа е Филозофскиот факултет со вкупно 592 слободни места, па Факултетот за земјоделски науки и храна со 495 места. На Машинскиот факултет се останати 452 слободни места, а 293 на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Редовните студенти во државна квота и оваа година ќе плаќаат партиципација во износ од 200 евра годишно, додека пак редовните студенти примени во приватна квота и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра во годината. Од оваа година, на повеќето факултети одредени давачки се променети.
Прелиминарната ранг-листа ќе биде објавена на 20 септември, а конечната на 25 септември. Запишувањето на кандидатите примени во вториот уписен рок ќе се одвива на 26 септември.
На оние факултети на УКИМ каде ќе останат слободни места ќе може да се аплицира и на 27 септември како трет уписен рок.