Филозофскиот факултет ги укинува зголемените давачки

По студентските реакции за покачувањето на трошоците на студентите за студирање на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од Факултетот соопштија дека ги укинуваат зголемените давачки.

Студенти неделава се пожалија на одлуката на УКИМ да ги усогласи давачките на сите факултетите, што за некои значеше покачување на трошоците за плус 2.500, а за други сумата достигна до 4.200 денари за давачки кои гласат „онлајн ресурси“ и „материјални ресурси“.

„Трошоците за онлајн и материјални ресурси следниот семестар ќе изнесуваат 0 денари. Ова значи дека наместо 5.600 денари годишно, износот изнесува 2.800 денари за дополнителни трошоци на годишно ниво“, се вели во соопштението на Филозофскиот факултет до студентите во кое се додава дека сите студенти официјално ќе бидат извесетни и од службата за студентски прашања.

За оваа одлука Факултетот направи анекс на Правилникот за трошоци па повеќе нема да им наплатува на студентите на прв и втор циклус студии за испити по семестар, за факултетско студентско собрание по семестар, за пријавување на дипломски испит и за прирачник.

Исто така, повеќе нема да се наплаќаат надоместоци за задоцнета заверка на семестар, како и заверка на семестар без потпис, надоместоци кои во изминатиот период ги плаќаа поголем број на студенти.

Имено, од оваа академска година на Филозофскиот факултет нема да се наплатуваат следните ставки:

1.За полагање на испити за студенти од прв циклус студии од семестар 300,00 ден
2.За полагање на еден испит за студенти на втор циклус студии 2.000,00 ден.
3.Пријавување на дипломски испит 500,00 ден
4.Електронски Прирачник за студенти на I циклус на студии и пристап до база на податоци, е-сервис и пристап до библиотечен фонд. 1.000,00 ден
5.Еквиваленција на положени предмети 2.000,00 ден.
6.Заверка на семестар после рокот 1.000,00 ден
7.Заверка на семестар без добиен потпис од еден предметен наставник 500,00 ден
8.Повторно запишување на испишан студент 2.000,00 ден
9.Издавање на потврда за вертикална проодност на студиите 200,00 ден
10.Издавање на уверение за дипломирање (за студентите кои дипломирале пред воведување на ЕКТС) со неделен фонд на часови, предмети по семестри, описни оцени и сл. 2.000,00 ден
11.Издавање на дупликат уверение за положени испити на прв циклус студии 2.000,00 ден
12.Издавање дупликат исписница 1.000,00 ден
13.Продолжување на студирање на I циклус на студии (за студенти кои не извршиле упис до 2 години) 2.000,00 ден
14.Продолжување на студирање на I циклус на студии (за студенти кои не извршиле упис повеќе од 2 години) 6.000,00 ден
15.Подигнување диплома 3 месеци после денот на промоција 1.800,00 ден

„Свесни за финансиската состојба во нашата земја и немањето можност на дел од студентите да ја плаќаат школарината и надоместоците во целиот износ, Филозофскиот факултет како и секогаш им одобрува на студентите и овозможува плаќање на повеќе рати“, велат од Факултетот.