Здружението на граѓани „Куќа на среќата“ ја започна акцијата „Одмор за секое семејство“, која ја организира преку Фејсбук-групата „Бесплатно сместување Македонија и превозници со големо срце“.
„Ајде заедно да бидеме среќата за 15 семејства, среќата за многу мајки и татковци, среќата за многу деца… Помогнете ни да ги собереме потребните парични средства за да може да ги испратиме на море. Вашата помош е нивна среќа – донирајте за бесплатен одмор! Време многу немаме, но за тоа знаеме дека имаме хумани граѓани, хумани компании кои можат да ни помогнат и да ја исполните желбата на неколку деца и семејства и да ги испратиме на одмор. Некои деца се’ уште се надеваат на море и на песок, за нив летото ќе трае и ќе биде посакувано во било кој период од годината. Вашата помош е клучна! Со вашата добрина, можеме да им овозможиме на овие семејства незаборавно искуство и момент на среќа. Ве повикуваме да се вклучите и да помогнете да ги исполниме нивните соништа. Заедно можеме да направиме разлика!“, велат од „Куќа на среќата“.
Од таму појаснуваат дека 15 апартмани веќе им се обезбедени како донација, но семејствата не се финансиски моќни за да може сами да го обезбедат превозот и сите дополнителни трошоци за еден одмор.
„За нив, идејата за одмор и времето поминато со најблиските е далеку од реалноста“, стои во повикот за акцијата на „Куќа на среќата“.
Ваквата акција ја спроведуваат преку македонската краудфандинг платформа ecrowd.mk.