Качени на точаци и опремени со кабаници, капи и водоотпорни јакни, група млади и не-толку-млади велосипедисти го возеа третиот вело-бус во скопската општина Центар, како дел од Европската недела на мобилност.
Овој вело-бус застанува од станица до станица, но, наместо како автобусите на постојките, тој собираа деца и родители кои возат накај градинка и училиште. Попатно, зависно кој каде живее, се симнува пред зграда и приклучува на групата со својот точак, тротинет, ролшули или друго превозно средство на свој погон.
Потоа вело-бусот се „паркира“ пред училиште и започнуваат маалски игри – школка, ластик, серва, скокање јаже, грабни стапче, фанта и секоја друга игра што ја знаат локалците. Ем еколошки, ем забавно, со цел сите заедно да го осетат споделениот јавен простор и урбаната мобилност.
„Вело-бус се вози низ цела Европа, низ цела Америка“, вели Дарко Арсовски, активист од „Гоу Грин“, здружението што ги организира серијата настани.
За разлика од претходните денови во Гази Баба и Кисела Вода, посочува тој, денеска времето не ги послужи. Врнеше дожд. Истураше.
„Но, не постои лошо време, постои само лоша опрема. Јас носам кабаница, бидејќи ова не ми е првпат. Ова не е моето прво родео. Спремен сум. Знам дека треба да бидам и видлив (со рефлектирачки елек) кога врне дожд, бидејќи колку и да имам право да возам на улица, ако нема инфраструктура паметно е да се носи, бидејќи тие што возат коли не се секогаш најспремни. Не гледаат најубаво, им врне дожд и на нив на шофершајбната, кочниците може да не им работат добро. Затоа сум спремен, за да возам во секое време – зиме, лето, на дожд, сеедно“, посочува Арсовски додека разговараме кај ОУ „Коле Неделковски“.
Активистот вели дека на денешниот вело-бус дошол и градоначалникот со своите деца, пријатели и други ученици од школото.
„Тој преку пример покажува дека постои политичка храброст за менување на улиците. Подобра инфраструктура, подобри школи, подобри паркинзи. Покажува дека навиките се менуваат со личен пример. Ако тој може да накисне сега и да оди да тера состаноци цел ден, така може и детето и родителот да облечат кабаница, да извози пет минути до училиште и да знае дека не блокира улици со своите коли, не им чади на децата, не згазнува некое дете кое оди накај училишите. Туку, едноставно вози точак, стига тука, го остава точакот и си го зема назад. Ниту е мокар, а детето после тоа е среќно дека има елан за училиште, за првиот час, за да може да се дружи целиот ден со своите другарчиња“, нагласува активистот.
Арсовски објаснува дека целта на вело-бусот е едноставна: да ги натераат жителите да ги сменат своите навики. Тоа значи децата да можат да дојдат со точак.
„Пред се’, голем дел од децата вчера и завчера кажаа: ‘Леле ланецот не ми беше наместен. Гумата ми беше издишена, татко ми го терав вчера да ја пумпа, со мајка ми бевме на сервис заедно…’. Значи, целта е и самите тие да ги извадат точаците од своите гаражи, паркинзи кај и да ги чуваат. Второ, родителите да видат дека не е толку страшно да ги однесат со точак во училиште, наместо со кола, па после да продолжат на работа. И, трето – институциите, општината, школите, да видат кои се условите“, посочува Арсовски.
Дополнително, целта е и да се увиди што треба да се смени. Дали можеби недостасуваат столпчиња на улица како што е пред „Силбо“, за да не се паркираат коли од страните? Дали можеби има висок рамник за да влез во школото? Дали можеби недостасува паркинг? Која е причината зошто некое дете не оди секој ден со точак? Зошто треба да оди само кога има вело-бус?
„Тоа е на микро-ниво. Ние возиме во четири скопски општини: Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Центар, плус возиме во Прилеп и во Битола. Тоа се само шест општини. Не може на микро-ниво да се менува секаде. Поголемата цел е правилник за велосипедска инфраструктура“, дециден е Арсовски.
Активистите бараат Министерството за транспорт да донесе правилник кој ќе ги принудува сите наредни градоначалници да мора при секоја реконструкција да внесуваат и велосипедска инфраструктура.
„Не да биде една по една: ‘сега на оваа улица ќе измериме колку има’, па да се остави на самиот план на изведувачот – ‘тука метар, таму метар’ – не! Како што постои Правилник за урабнистичко планирање, каде што се’ е планирано колкава да биде зградата, каде да биде влезот, дали улицата ќе биде доволно широка или тесна за колите, така треба и велосипедската инфраструктура да биде планирана. Бараме јасно и гласно да биде напишано која е ширината на патеката, над која висина треба да биде влезот, рамниците секаде да бидат слеани. Да биде унифициран дизајнот секаде низ цела Македонија, за да биде едноставно поврзување од точка А до точка Б – училиште. Секој да може да стигне безбедно и лесно“, констатира Арсовски од „Гоу Грин“.
Ангела Бошкоска и Бојан Шашевски