Младинскиот образовен форум (МОФ) во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, отвора повик за волонтери на возраст од 18 до 35 години, за учество во BUDDY програма за поддршка на интеграција на баратели на азил, како и лица под меѓународна заштита, вклучувајќи бегалци, лица под супсидијарна заштита, лица под привремена заштита (присилно раселени лица) и лица без државјанство.
Специфично повикот е отворен за: 20 (дваесет) млади волонтери и за 6 (шест) предавачи (психолози, социолози, социјални работници)
„Главната цел на програмата е да ја поддржи интеграцијата на присилно раселените лица и лицата без државјанство преку воспоставување значајни и одржливи врски помеѓу нив и волонтерите. Преку поврзување на волонтери со присилно раселени лица и лица без државјанство, програмата има за цел да го олесни вклучувањето и активното учество на овие лица во општеството, како и развојот на кохезивни и поддржувачки заедници“, стои во повикот.
Овие односи, кои ќе се карактеризираат со заемност, велат од МОФ, ќе помогнат во надминување бариери и рушење стереотипи и ќе придонесат кон постигнување клучни резултати за интеграција и подобар квалитет на животот на учесниците, како што е знаењето на јазикот, културолошката интеграција, вработување, запознавање со локалниот контекст, учество на спортски или социјални настани, пристап до услуги итн., со што ќе се зајакне чувството на безбедност и припадност.
„Преку оваа програма, присилно раселените лица и лицата без државјанство ќе имаат можност да изградат одржлива и долгорочна врска со волонтерите кои ќе им понудат поддршка, насоки и различни активности во нивните заедници, додека волонтерите, од друга страна, ќе бидат обучени и подготвени да ги разберат потребите и предизвиците на бегалците и лицата без државјанство, и преку спроведување различни активности, ќе помогнат при надминување на истите“, стои во повикот.
Рокот за пријавување е среда, 25 септември 2024 година (23:59 часот).
Повеќе околу целите на програмата, но и критериумите на повикот, може да прочитате ТУКА.