Што се општествени градини? Зошто треба место за повеќе општествени градини во градовите? Овие прашање ќе бидат во фокус на предавањето на 28 септември од 13 часот во „Бостание“, чии креатор(к)и ќе зборуваат за првата општествена градина кај нас.
„На ова предавање ќе можете да чуете зошто општествените градини се потребен дел во секоја градска средина, да се запознаете со нивното функционирање и да прошетате низ ‘Бостание’“, посочуваат од Еквалис, организатор на настанот.
Од таму велат дека присутните низ градината ќе се запознаат и со градинарскиот ред, градинарските пристапи што се практикуваат во „Бостание“, инфраструктурата и некои градинарски техники и видови на компостирање.
Предавањето ќе го оддржи Димитар Самарџиев во својство на претставник од „Зелената Арка“, координатор на „Бостание“ и пермакултурен дизајнер
„По предавањето оние кои се заинтересирани ќе можат да останат и да учествуваат во помагање на градинар(к)ите да го дотераат ‘Бостание‘ за претстојното одбележување на петгодишнината од основањето, што ќе подразбира чистење, косење, плевење, превртување на компостот итн“, велат од „Еквалис“
Сите заинтересирани учесници треба да ја пополнат апликацијата на овој линк: https://forms.gle/jFsMdj9kajgNCTi67 најдоцна до 25-ти септември до 17:00ч.
Програмата за активно граѓанство е дел од проектот „Промоција на младински активизам и граѓанско учество“ спроведуван од Здружението за едукативен развој – „Еквалис“, а финансиски поддржан од National Endowment for Democracy.