„Заслужуваме да студираме“ – порачаа студенти со протестна уметничка акција во кампусот на УКИМ

„Собирам пари за ФИНКИ зграда“, „Собирам пари за обнова на професорски кадар“, „Продавам затоа што заслужувам да студирам“, „Продавам за кровот да не протекува“ се дел од пораките кои денес беа истакнати над книги, фото-апарати, патики, тенџериња и други присобрани предмети кои се најдоа на патот кон Филозофскиот факултет во Скопје.

Дваесетина студенти утрово на општествениот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ поставија протестна уметничка инсталација со транспаренти и лични предмети или мала покуќнина што беа „на продажба“. Преку тоа тие го искажаа своето незадоволство и потреби за достоинствено студирање на најстариот универзитет во земјава.

Инсталацијата не беше планирана, туку како доаѓаа студенти, своите ствари ги оставаа до другите, по што се создаде цела лента долж патеката која води кон платото на УКИМ.

„Одете пред ректоратот, таму се парите“, кажа минувач кој подзастана да разгледа што пишува на истакнатите картони. Тој си зема и ливче на кое запиша свое „незадоволство“ кое потоа го стави во кутијата на незадоволство. Кутијата беше оставена за сите минувачи кои патот ги носи кон универзитетскиот кампус, но ретко кој студент застана да види што се случува.

Имаше и такви кои помислија дека изложените предмети вистински се продаваат, па посегнаа да донираат. Некои, брзајќи кон некоја дипломска со цвеќе во рака набрзина ги одминуваа посланите предмети, други одмавнуваа со главите. Но, имаше и такви што прашуваат или барем ја разгледуваа инсталацијата.

„Целта на овој настан е ние како млади културни дејници во оваа земја, на уметнички и културен пат да го искажеме нашето незадоволство при студиите на УКИМ преку оваа уметничка инсталација. До младите студенти порачувам да посегнат по тоа што е нивно, бидејќи сите заслужуваме“, изјави Мартин Џорлев, студент и уметник.

За денес, рекоа дека ќе останат на кампусот додека има раздвиженост со цел да ги видат што повеќе луѓе кои се директно поврзани со универзитетот.

Засега не знаат дали ќе продолжат со уште вакви акции, но можеби ќе произлезе нешто од поплаките во кутијата на незадоволството. „Можеби ќе правиме уште акции, можеби не – зависи од тоа каква ќе биде потребата“, ни рече една од присутните.

На заминување забележавме поголема група млади како се приближува кон патеката каде стои табла со името на факултетот. Можеби беа идни студенти, можеби туристички го посетуваа кампусот на УКИМ, како и да е – денес имаа што да видат таму. И да ги одминеа студентите со инсталацијата, никој не можеше да не го види транспарентот „Заслужувам да студирам“ оставен пред големата сина табла на која пишува „Филозофски факултет“ пред споредниот влез во објектот.

Ангела Бошкоска