ТикТок можеше да биде позитивна сила за промени во американската технолошка индустрија. Наместо тоа, тие ангажираа скапи лобисти и дури ги мобилизираа своите американски корисници да ги повикаат своите претставници во Конгресот.
Загриженоста дека кинеската Влада би можела да има пристап до податоците на корисниците преку апликацијата за кратки видеа ТикТок, која е во сопственост на кинеската компанија БајтДенс, ја поттикна американската влада да донесе закон за забрана на оваа платформа, освен ако не се продаде на купувач однапред одобрен од неа.
Откако претседателот Бајден го потпиша законот со кој на БајтДенс му се дава рок од една година да се откаже од ТикТок, компанијата ја тужеше федералната влада, во случај што најверојатно ќе заврши пред Врховниот суд. ТикТок сега е една од најголемите приказни во бизнисот и геополитиката.
Неизвесност и можната закана за национална безбедност
Според нацрт-законот што Конгресот го одобри во април, БајтДенс мора да се одвои од ТикТок до јануари 2025 година или ќе се соочи со забрана низ целата земја. Овој потег уследи откако американските власти предупредија дека популарната платформа носи ризици за националната безбедност, делумно затоа што БајтДенс според кинескиот закон може да биде принудена да ги сподели со Пекинг личните информации на 170-те милиони Американци кои ја користат апликацијата.
Министерството за правда на САД, исто така, тврди дека вработените во БајтДенс и ТикТок во Кина би можеле да собираат масовни информации за корисниците врз основа на содржината, вклучувајќи мислења за религијата, абортусот или контролата на оружјето.
Дополнително, БајтДенс може да ги препознае корисниците преку нивните уникатни идентификатори на уреди, АјПи (IP) адреси и други информации за идентификација. Во мај, ТикТок и БајтДенс ја тужеа американската влада да го блокира нацрт-законот, тврдејќи дека е неуставен и го прекршил Првиот амандман, кој ја штити слободата на говорот. ТикТок негираше дека кинеската влада има каква било контрола врз апликацијата или дека му предала какви било податоци на Пекинг. Во своите поднесоци, Министерството за правда ја бранело уставноста на законот, тврдејќи дека законот не покренува прашања со Првиот амандман бидејќи се фокусираше на заканите за националната безбедност.
Законодавците во САД се повеќе изразуваат загриженост дека ТикТок и БајтДенс, може да ги достават податоците на корисниците, како информациите за локацијата, на кинеската влада. Тие укажуваат на законите кои ѝ дозволуваат на кинеската влада тајно да бара податоци од кинески компании и граѓани за операции за собирање разузнавачки информации.
Американските власти се загрижени дека Кина би можела да ги користи содржинските препораки на ТикТок, во форма на страницата „За тебе“, за да има пролиферација на дезинформации, нешто што може да ескалира во САД за време на претседателските избори. ТикТок долго време ги негираше овие обвинувања и се обидуваше да се дистанцира од БајтДенс.
Европа и земјите низ светот
Што значи ова за Европа? Европската Унија има строги регулативи за заштита на податоците, како што е Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR), која има за цел да ги заштити податоците на корисниците и приватноста.
*Стефан Митиќ е студент на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби (NYU Abu Dhabi) каде студира на факултетот за Политички науки и факултетот за Општествени истражувања и јавни политики. Тој е новинар во студентскиот весник Д Газел (The Gazelle) и е член на организацијата „Модел Обединети Нации“ при универзитетот. Области од особен интерес му се човековите права, климатските промени, климатската правда и можните решенија, етиката при користење социјалните мрежи, употребата на лични податоци и безбедноста на интернет, како и поврзаноста помеѓу политиката и технологијата.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.