Одржана регионална конференција за зајакнување на владеењето на правото преку медиумска слобода

„Посилни заедно: Новинарите и правосудството ги штитат медиумските слободи“, беше темата на третата регионална конференција која се одржа од 18 до 20 септември во Маврово во која земаа учество повеќе од 70 новинари и претставници на правосудството.

„Заедничката соработка помеѓу новинарите и судиите, заедно со обвинителите е од суштинско значење за одржување на владеењето на правото во Западен Балкан. За ова да се оствари неопходна е довербата и разбирањето помеѓу двете фели, а овие регионални конференции меѓу другото, имаат за цел ова да го поттикнат“, истакнуваат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Меѓу темите кои беа дискутирани беа правните напади и неказнивоста, но и дезинформациите кои силно влијаат врз владеењето на правото и слободата на медиумите во регионот. Еден од панелите беше посветен на SLAPP (Стратешките тужби против јавно учество), каде се дискутираа заканите кон новинарите од овие видови правни напади. Исто така, се дискутираа и разгледуваа законодавните иницијативи за справување со зголемената употреба на SLAPP во Западен Балкан.

„За да ги демотивираме оние кои се обидуваат да им се закануваат на новинарите преку SLAPP тужби, може да преземеме три клучни чекори: правни реформи, одговорност и доследно постапување од судиите и обвинителите, кои можат да играат клучна улога во спречување на ваквите злоупотреби со тоа што нема да дозволат овие случаи да преминат во инструмент за заплашување на новинарите и гласна јавна осуда и подигнување на свеста за негативното влијание на SLAPP тужбите врз новинарството и демократијата, со што ќе создадеме општествен притисок кој ќе ги демотивира оние кои од позиција на моќ сакаат да ги злоупотребат правните инструменти“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Што се однесува до нападите врз новинарите, неказнивоста беше препознаена како голема закана. За време на сесијата за справување со неказнивоста кон новинарите, говорниците го дискутираа ефектот од нерешените напади врз новинарите, граѓанските организации и општеството во целина, истакнувајќи дека кога правдата е задоволена, тоа ги обесхрабрува нападите врз новинарите.

„Конференцијата вклучи и работилница организирана од Центарот за обука и студии за судството на Холандија, каде судии, обвинители и новинари ја истражуваа меѓусебната улога на медиумите и судството во општеството и дискутираа за можни начини на напредок“, информираат од ЗНМ.

Важен елемент на оваа завршна конференција беше дискусијата за тоа како да се продолжи со поттикнување на правната заштита на новинарите преку промовирање на дијалогот помеѓу судството и новинарите.

„Видовме како овие дијалози позитивно влијаеа на разбирањето помеѓу независните медиуми и судството во изминатите четири години. Веруваме дека е неопходно да продолжиме и да го зголемиме нашето влијание со вклучување на повеќе земји како Косово, Албанија и Црна Гора, за да се спротивставиме на зголемените напади врз новинарите во Западен Балкан“, изјави Албана Шала, претставник на „Free Press Unlimited“ за Западен Балкан.

Инаку, како што истакнуваат од ЗНМ, слободата на медиумите е еден од темелите на развиените демократии, а новинарите се важни чувари кои обезбедуваат владите да одговараат одговорно на потребите на граѓаните. Но, додаваат дека, за жал, во медиумскиот сектор во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија не секогаш медиумските работници се безбедни.

„Нашата иницијатива ‘Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија’ комбинира обука, застапување и зајакнување на капацитетите на судството и медиумите за да ја подобри способноста на судскиот сектор да одговори соодветно на заканите со кои се соочуваат новинарите, додека во исто време ги подобрува условите под кои медиумите работат“, посочуваат оттаму за иницијативата.

Оваа регионална конференција беше последна од трите, другите се одржаа во декември 2023 година во Босна и Херцеговина и во октомври 2022 година во Србија, и претставуваше заклучок на четири години посветена работа во рамките на проектот „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Холандија. Организацијата на третата конференција беше на ЗНМ во соработка со организациите „Free Press Unlimited“ и „Netherlands Helsinki Committee“.

Фото: Здружение на новинари на Македонија