Самитот на Берлинскиот процес официјално доби нов визуелен идентитет за кој е заслужен тим од шест млади дизајнери од Западен Балкан. Тие беа избрани годинава во јуни на јавниот повик што го објави Регионалната канцеларија за млади (РИКО) во соработка со Сојузното министерство за надворешни работи на Германија.
„Младите дизајнери во изминатиот период заеднички работеа на создавање на логото, кое отсега ќе служи како трајно визуелно обележје на овој престижен настан, кој секоја година ги собира лидерите на Западен Балкан, Европската унија и претставниците на институциите на ЕУ“, информираат од РИКО.
Тимот на млади кои стојат зад логото го сочинуваат Алкид Шули од Албанија, Ррезе Гури од Косово, Амила Реџиќ од Босна и Херцеговина, Лана Кленак од Црна Гора, Бојан Буџаровски од Македонија и Милан Ружиќ од Србија, под креативно менторство на искусниот креативен директор, Фисник Исмаили.
„Иницијативата за изработка на трајното лого доаѓа во светло на одбележувањето на јубилејот – 10 години од Берлинскиот процес, кој официјално беше воспоставен во 2014 година, како модел за поттикнување на соработката и поддршка на регионот на Западен Балкан на патот кон ЕУ. Со текот на годините, Берлинскиот процес се развиваше и денес го опфаќа Самитот како врвен настан, како и министерските состаноци, форумите и бројни други активности“, наведуваат од организацијата.
Од 2021 година, RИКО организираше јавни повици во форма на натпревари, на кои секоја година се избираше логотип за Самитот, а за визуелните решенија беа наградувани поединци. Тимската работа на трајното визуелно решение избрано оваа година дава дополнителна вредност и придонесува за зајакнување на соработката во регионот на Западен Балкан.