Оваа сабота (28 септември) во кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“ ќе се случи новиот градски фестивал на „Култура Бета“, наречен „Ре-култура“. Фестивалот е донаторски, е посветен од заедницата за заедницата и има за цел собирање средства за организирање настани и објавување на самостојни изданија на „Култура Бета“.
Во рамки на програмата на „Ре-култура“ ќе се одржат неколку настани каде што ќе се претстават повеќе млади уметници и културни работници.
Програмата започнува на пладне во кафе-книжарницата „Илика“ кога ќе бидат отворени донаторскиот базар на стари книги, групната изложба на која што ќе учествуваат уметниците Бојан Звездаковски, Валентина Миладинова, Андреј Медиќ Лазаревски, Тамара Блажевска, Дона Илијевска, Дијана Велковска и Кристијан Јовановски, како и диџеј сетот на Ивана Јовановска.
Во 18 часот во „Илика“ ќе се случи разговор со Филипа Сара Попова, добитничката на наградата „Млада Струга“ на годинешното издание на Струшки вечери на поезијата, а програмата ќе продолжи во 21 часот со 11. издание на поетските читања „Поетска епизода“ на која ќе учествуваат младите поети Филипа Сара Попова, Стефан Спасовски, Нино Јовановски, Методија Тасевски, Марија Хана Трајкоска и Калиа Димитрова, а читањето ќе го модерираат Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.
Програмата ќе заврши со музички сет на Modem priest (Максимилијан Сарајлија) во 22:30.
„РЕ-култура бидејќи со овој настан пробуваме да ја РЕанимираме заедница и сите заедно да креираме настани; РЕ-култура бидејќи со овој настан РЕциклираме стари книги и им даваме втора шанса; РЕ-култура бидејќи со овој настан сакаме повторно и повторно да ја РЕстартираме културата во овој град; РЕ-култура бидејќи со овој настан ја РЕфрешираме македонската културна сцена со нови, млади, талентирани уметници; и најважно, РЕ-култура бидејќи со овој настан создаваме култура во неформални, алтернативни и јавни простори, сите заедно ги поддржуваме независните кафе-книжарници, ја ослободуваме младинската култура и бидејќи со ова сакаме да ја креираме, РЕ-креираме и анимираме заедницата – бидејќи само така се гради вистинскакултура!“ истакуваат од „Култура Бета“.
Повеќе за програмата на Фејсбук-настанот за „Ре-култура“.