Отворени се апликациите за Чивнинг стипендиите на Владата на Обединетото Кралство

Апликациите за Чивнинг стипендиите за студирање во Обединетото Кралство се отворени од 6 август до 5 ноември 2024 година, информираат од Британската амбасада во земјава.

Чивнинг стипендиите се доделуваат на лица од секаков профил кои можат да покажат дека ја имаат посветеноста и вештините кои се потребни за да станат идни лидери. Апликантите мора да имаат реална и остварлива идеја со која ќе создадат позитивна промена во својата земја и мора да се во состојба да покажат како магистерската диплома стекната во Обединетото Кралство ќе им помогне да ја реализираат нивната идеја.

Стипендијата нуди целосна финансиска поддршка со која им се овозможува на стипендистите да се посветат на стекнување на магистерска диплома на над 150 универзитети во Обединетото Кралство, при што истовремено ќе им се овозможи пристап до широк спектар на ексклузивни академски, професионални и културни искуства.

„Стипендистите кои ќе добијат стипендии за студирање и за истражувачка работа како и дипломираните стипендисти на Чивнинг ги користат вештините и знаењата што ги стекнуваат додека студираат во Обединетото Кралство да поттикнат промени кога ќе се вратат дома, стануваат лидери и креатори на промени, помагаат во создавањето на свет кој ќе биде подобро место за живот, работа и напредок“, вели Ема Хенеси, раководителката на Одделот за стипендии во Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство (FCDO).

Од формирањето на програмата во 1983 година, над 57.000 професионалци ги унапредиле своите кариери преку Чивнинг. За академската 2025/2026 година, приближно 1500 стипендии се достапни на глобално ниво, што ја покажува посветеноста на Обединетото Кралство за развој на лидери на утрешнината.

Потенцијалните кандидати можат да ги поднесат своите апликации на овој ЛИНК.