Со свечена церемонија за доделување медали и признанија заврши 31. Балканската олимпијада по информатика

Со свечена церемонија за доделување медали вчера во Охрид беше заокружено 31. издание на Балканската олимпијада по информатика (БОИ), во организација на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ).

Добитник на највисокиот златен медал и освоено прво место е Даниел Којнов од Бугарија, додека златни медали освоија и Милош Милутиновиќ од Србија и Борис Михов и Андреј Стефанов од Бугарија.

На овогодинешната Балканска олимпијада по информатика, македонскиот учесник Дамјан Давков од Штип, ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје е добитник на висок сребрен медал, додека Благој Рујаноски Стојановски, Владимир Грчев и Виктор Максимовски освоија олимписка пофалба.

Младите програмери, како што истакнаа од ЗИМ, демонстрираа исклучително високо ниво на техничко знаење и креативност, поставувајќи високи стандарди за идните учесници на Балканската олимпијада.

фото: ЗИМ

„Трет пат во Македонија, по 2000 и 2008 година, на едно место ги обединивме средношколците – информатичари од Балканот и пошироко, овозможувајќи им средина во која може да го покажат својот талент и да изградат конекции кои долго ќе траат. Искрени честитки до сите учесници кои покажаа неверојатни способности за решавање на комплексни проблеми и истрајност во текот на целиот натпревар. Да се биде домаќин на ваков настан во Македонија е доказ за посветеноста во негувањето на младите таленти во областа на информатиката“, истакна претседателот на ЗИМ Миле Јованов.

Балканската олимпијада по информатика е можност учесниците да ги тестираат своите вештини и знаење и да стекнат искуство кое ќе биде незаменливо за нивниот академски и професионален развој, велат од ЗИМ, додавајќи дека покрај натпреварувачките денови, учесниците во олимпијадата имаат можност да се дружат со останатите учесници и да се запознаат со локалната култура и историја на земјата – домаќин на настанот.

„Зголемувањето на бројот на учесници во БОИ и нивната разновидност е рефлексија на значајноста и влијанието на оваа Олимпијада. Трендот на вклучување на земји пошироко од границите на Балканот низ годините е јасен индикатор за квалитетот, вредноста и важноста на овој настан. Со традиција и вредности кои се пренесуваат веќе 31 година по ред, БОИ продолжува да ги инспирира новите генерации информатичари чиј талент ќе ја обликува иднината на технологијата“, велат од ЗИМ.

Олимпијадата се одржа од 20 до 25 септември со учесници од Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија. За време на двата натпреварувачки денови, учесниците решаваа комплексни алгоритамски задачи дизајнирани за да ги предизвикаат нивните вештини во програмирање и решавање на проблеми.