„Немој да се жалиш ќе ни направиш проблем“; „Ти ќе страдаш, тие секогаш се во право“; „Абе се крева ли револуција сам? Нема да те поддржи никој“; „Правно се заштитени тие“, „Супер е што го имаш тој порив, само не во овој систем“, „Ти не знаеш кај живееш?“…
Ова се коментари кои ќе ги добиете од колеги, пријатели, професори и родители доколку им кажете дека сакате да поднесете жалба против сторена неправда во било која образовна институција. Всушност, ова е сликата доколку посакате да пријавите каква било неправилност сторена каде било во државата.
Теоријата на македонскиот образовен систем низ сите степени учи за елементарните акти како редовни правни лекови за изразување на незадоволство, кои истовремено се права и должности на човекот и граѓанинот. Меѓутоа, во практиката на нашето општество длабоко заснована на корумпирано авторитарно право, жалбата не е ниту редовна, ниту пак лековита.
Според студентските правобранители, оние кои имаат оставено мејл адреса и кои одговорија на прашањата на Радио МОФ, студентите ретко поднесуваат жалби затоа што не се целосно запознаени со нивните права. Онлајн анкетата во која беа опфатени 375 студенти, покажа дека дури 63% од нив не знаат каде се поднесува жалба, односно не знаат за студентскиот правобранител како одговорно тело за заштита на нивните права.
Студентската правобранителка на УКИМ, Савче Ѓошева, смета дека е присутен страв кај студентите, дека и да пријават нема кој да им помогне, дека сѐ уште професорите се поставени на едно повисоко авторитарно ниво над нив, па затоа имаат механизми кои ги штитат нив, а не студентите. Таа го изјави ова во разговор со Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), зборувајќи за тоа зошто студентите не пријавуваат корупција. Анкетата на ПИНА спроведена во април покажа дека испитаните студентите забележале коруптивни дејства и неетичко однесување од страна на наставно-научниот кадар или административните служби на факултетите. Меѓутоа, 60% од нив не знаат каде се пријавува, а оние кои знаат немаат намера да пријават затоа што не веруваат во такво нешто како правна разрешница и имаат страв од можни последици, па замижуваат на такви ситуации.
Овој страв на студентите, како и воопшто кај граѓаните на Македонија, не е ниту малку неоправдан. Наративот „ќути си“ не владее залудно. Незаинтересираноста на младите и молкот на мнозинството е последица на растење исполнето со сведоштва на животни ситуации во кои победува институцијата, а не обесправениот човек. Имено, пријавувањето институциска неправда во државава по непишано правило носи последници кои траат со години. Арно ама, не за оној кој ја сторил неправдата, но што пријавил.
Иако ова легислативно беше потпомогнато со Законот за заштита на укажувачите донесен во 2015 година, Студијата на јавна политика „Ќе има ли ‘свиркачи’ на универзитетите – можностите на Законот за заштита на укажувачите и спречувањето на корупцијата во високото образование во Република Македонија“ изработена идната година покажа дека најмногу од испитаните студенти никогаш не пријавиле корупција поради страв од последици и затоа што сметаат дека ништо нема да променат со нивната пријава, како и дека нема да се постапи по неа. 54% од нив сметаат дека корупцијата е распространета на факултетите, а 46% одговориле дека ова е честа појава.
Ангелина Станојоска, професорка на Правниот факултет во Битола која работеше на истражувањето „Сексуално вознемирување на универзитетите во РСМ“, рече дека студентите немаат доверба кон универзитетите затоа што тие не им нудат правна рамка со која би биле заштитени. Ова истражување покажа дека 10% од 330 студенти на 9 универзитети признале дека биле сексуално вознемирувани, а 80% од нив кажале само на своите родители, пријатели или колеги.
Факултетите како институции во кои младите го поминуваат клучниот период учејќи за одбраната професија и нејзината функија во едно систематизирано општество, би требало да се изворот на промените и безбедно место за студентите. Меѓутоа, во реалноста се само уште едно скалило кое ти го повторува градивото да молчиш пред дадениот авторитет и да продолжиш по проблемот како ништо да не било. Ако не знаеш да ќутиш на неправди, научи се. Во спротивно – твојата мака во најмала рака ќе се удвои.
Ќути си, посебно кога треба да си гласен, подобро ќе си поминеш. Без проблеми ќе дипломираш.
Професорите се ставени толку високо на општествениот пиедестал што студентите ги гледаат како пример, авторитет и ја губат критичката мисла пред нив. Иако повеќето и те како ја имаат, најчесто ја задржуваат во својот колегиумски круг и таа не излегува оттаму. Овој молк, стравот од изговарањето на вистината, е став. Избегнувајќи да се соочат со секојдневните проблеми, од непојавување на професор на закажано предавање, понекогаш и испит до службеничките врисоци врз нив, студентите го оправдуваат ваквиот систем и практично му помагаат да остане таков каков што е – корумпиран и незаинтересиран за реалните потреби. Давачките ќе продолжат магично да се зголемуваат од година во година, како и неодговорноста на професорите – Богови.
Ние како друштво сме отрпнати од неправдини, убедени во невозможноста за подобро општество и речиси целосно откажани од „борба“. Веројатно затоа, многу често, на еден едноставен акт како што е поднесување на претставка, која во суштина претставува молба за отстранување на настаната неправилност, се гледа како на кревање револуција, побуна и можеби, пред сѐ, како на наивност.
Сепак, непобивен е фактот и дека постои одреден мал број млади луѓе кои и покрај секојдневните проблеми „наивно“ пркосат на неправичностите. Резултатите од онлајн анкетата на Радио МОФ покажаа дека 11% од студентите барем еднаш до сега поднеле жалба до студентски правобранител, 32 студенти се пожалиле поради неодговорност на професор, 11 на дискриминација, 9 студенти на корупција, 6 на сексуално вознемирување, 1 студент на нехигиената, а друг се пожалил поради сите горенаведени причини. Односно, најмалку 60 жалби се поднесени до факултетите во Македонија поради нанесена штета на студентот и неговото право. Исто така, протестна уметничка акција пред УКИМ минатата недела покажа дека студентите-филозофи пополека се будат.
Често се прашувам, колку ли е зла културата која избегнува, не одобрува и никако не поддржува барање на правата? Сѐ е правилно или сѐ е непоправливо? Постои ли воопшто еден систем ако младите не веруваат во него? Кој ли е само виновникот што повеќето млади во Македонија се помирени со неправди?
Можеби, само можеби, некогаш ќе ги видиме проблемите во нивниот вистински облик, односно како прилики за друштвен напредок.
Ангела Петкова
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.