Интернационална премиера на документарниот филм „Време на бетон“ во Прага

Долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов ќе има интернационална премиера во рамките на 13. Фестивал за филм и архитектура во Прага. Проекцијата е закажана за 29 септември, со почеток од 14:30 часот во Националната галерија во Прага, соопшти „Скопје филм студио“.

По проекцијата е најавено предавање од кураторите на изложбата „Ниедно чувствo не е конечно: Колекција на солидарноста во Скопје”, реализирана во соработка помеѓу Кунстхале Виена, Национална галерија Прага и Музеј на современата уметност Скопје.

„Следната дестинација на ‘Време на бетон’ ќе биде 18. Интернационален фестивал на архитектонски и урбанистички филм во Истанбул, во организација на истанбулското одделение на Турската комора на архитекти. Фестивалот ќе се одржи од 7-ми до 11-ти октомври и  ќе прикаже 37 филма, иновативни дела селектирани од рекорден број на пријави годинава – 850 наслови од 101 земја.  Проекцијата на ‘Време на Бетон’ е закажана за 11-ти Октомври од 18:00 часот, во Кино Бејоглу и ќе се натпреварува за една од фестивалските награди“, велат од „Скопје филм студио“.

„Време на бетон“ е уникатен и длабок увид во архитектонската и урбаната историја на Скопје, со посебен фокус на модерната, која го следи градот од почетокот на дваесеттиот век. Снимен е по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски.

Фестивал за филм и архитектура во Прага е единствениот фестивал во Чешка со архитектурата во својот фокус, кој има за цел да ја истакне како особено значаен сегмент во секојдневниот живот и да ги промовира пред пошироката публика современите архитектонски пристапи.