Светско првенство во хип хоп и стрит денс шоу во Скопје

Светскиот натпревар во хип хоп и стрит денс шоу во организаија на клубот „Брејк а лег“ ќе се одржи од 9 до 17 октомври во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Скопје ќе биде домакин на 5 илјади танчери кои доаѓаат од 35 држави и 5 различни континенти. Најавени се натпреварувања во повеќе возрасни категории.

„Очекуваниот број на публика од петнаесет илјади присутни, говори дека Скопје во текот на тие десет дена ќе биде навистина раздвижено, полно со туристи, кои се дел од натпреварувањата, или сакаат да ги следат истите – што претставува одлична можност за претставување на македонското гостопримство“, истакнуваат организаторите.

Официјалното отворање на настанот ќе се случи на 12 октомври и, како што најавуваат оттаму, ќе има низа изненадувања.

„Чест ни е што Македонија за првпат ја има оваа прекрасна прилика да покаже колку ги поддржува спортот и танцот, како и дека има капацитети за организација на еден ваков светски настан. Верувам дека не само љубителите на хип-хоп културата, туку и сите оние, кои сакаат да покажат дека може да бидеме вистински сплотени како добри домаќини на една ваква шаренолика манифестација, ќе нѐ посетат и ќе се вклучат во овој настан, кој сметам дека е еден од најголемите случувања во нашата држава“, изјави Трајче Петковски, организатор на настанот и основач на „Брејк а лег“.