Претставен првиот сувенир на Скопје изработен од биоотпад

Првиот прототип на сувенир изработен од биоотпад денеска беше претставен од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Град Скоје во седиштето на УНДП. На него е прикажан часовникот на старата железничка станица, чии стрелки се застанати во 5 часот и 17 минути означувајќи го катастрофалниот земјотрес во Скопје од 26 јули 1963.

„Овој часовник потоа стана препознатлив и како симбол на обновата на градот и светската солидарност“, велат од Програмата за развој на ОН.

Сувенирот е создаден во првата градска биотехнолошка лабораторија во ССУ „Марија Кири Склодовска“, која УНДП и УНИЦЕФ ја отворија во соработка со Град Скопје. Изработен е од отпаден материјал од оризова слама и талог од кафе.

„Преку создавањето на овој прототип на сувенир од биоотпад не само што ги следиме глобалните трендови каде што биоотпадот се третира многу повеќе од ресурс во индустријата, туку се размислува и за негова примена во уметноста. Ова истражување, чиј резултат го споделуваме денеска е меѓу првите обиди во светски рамки за користење на биоотпадот како суровина за изработка на сувенири. Се надеваме дека ќе најде примена и ќе биде пример за слични идеи понатаму“, изјави Армен Григорјан, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации.

Градоначалничката Данела Арсовска посочи дека целиот процес на дизајнирање, од избор на материјали до производство е изведен во согласност со правилата на одржливост и циркуларната економија.

„Амбалажата за сувенирот исто така е направена од биоотпад а во неговата изработка учествуваше тим од биотехнолози, професори и други стручни лица“, додаде таа.

Според експертите, вакви сувенири, на едноставен начин ќе може да изработуваат и лица кои не се биотехнолози, како учениците и студентите кои ја користат отворената градска биотехнолошка лабораторија.