Свечено доделување на наградата „Пегаз“ и промоција на победничкиот роман „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски

На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржи свечено доделување на наградата „Пегаз“ за 2024 година и промоција на победничкиот роман „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски.

Промоторка на книгата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска. Награта „Пегаз“ по шести пат ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

„’Ехото на акробатите’ повеќе е граматика на љубовта, отколку што е љубовна приказна. Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, авторот Владимир Јанковски овојпат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. ‘Ехото на акробатите’ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлани по периферијата, наративна сложувалка со 100 „глави“ и недоброј значенски ‘опашки’. Со мајсторски минимализам и кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство… со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови“, велат од „Арс Ламина“.

На шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнале 56 ракописи. Во најтесниот избор биле разгледани и романите: „И“ од Кристина Краличин, „Брчка или За болешливото здравје“ од Филип Љ. Трајковски и „73 денови“ од Иво Митев.

Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.

Инаку, во меѓувреме, отворен е и седмиот конкурс за наградата „Пегаз“ за 2025 година. На него можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни. Ракописите треба да ги достават самите автори, на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ, најдоцна до 1 јуни 2025 година.