Итно спроведување на меѓународното законодавство за законите за Охридско Езеро и Студенчишко Блато, бараат 17 граѓански организации

Барање да се спроведе ревизијата на студиите за валоризација на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато и финализирање на процесот на прогласување на заштитените подрачја во консултации со експертската јавност и граѓанските здруженија, испратија вчера 17 граѓански организации до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за животна средина Изет Меџити.

Тие го поздравија повлекувањето на Предлог законите за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчишко Блато за парк на природата од собраниска процедура, но истакнаа дека се додека не се финализира процесот не се спроведени меѓународните договори, Уставот и Законот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

„Итното спроведување на препораките на Бернската конвенција и одлуките на Комитетот за светско наследство не е само неопходен предуслов за воспоставување на ефективна и ефикасна правна заштита на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато кои подолго време се во алармантно лоша состојба, туку и неодвоив дел од стратегиската цел на Владата за владеење на правото и воспоставување на правна држава. Ставот на организациите е дека доколку Владата и надлежното Министерство не ги спроведуваат доследно Уставот и законите, правната држава не е ни на повидок“, се вели во заедничката реакција.

Барањето го потпишаа:

  • Фронт 21/42
  • Центар за правни истражувања и анализи
  • Македонско здружение на млади правници
  • Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ
  • Институт за комуникациски студии
  • О2 ИНИЦИЈАТИВА
  • Центар за истражување и креирање политики
  • ЕКО-ЖИВОТ,
  • Движење на екологисти на Македонија
  • Новинари за човекови права
  • Балканска водна мрежа
  • ЕКО ЛОГИК
  • ЕЗ Здрава Котлина – Струмица
  • Национален ромски Центар Куманово
  • Институт за демократија
  • Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР
  • Го Сакам Водно.