На десеттото издание на фестивалот за европска литература „Букстар“, кој ќе се одржи од 30 септември до 3 октомври, учество ќе земат писатели и поети од Македонија и од странство.
Еден од учесниците е писателот Фарук Шехиќ од Босна и Херцеговина со кого Радио МОФ имаше можност да направи интервју.
Покрај тоа што пишува проза и поезија и неговите книги се преведени на 16 јазици и објавени во повеќе од 20 земји, Шехиќ е и новинар.
Низ разговорот Шехиќ ни откри малку повеќе за неговата инспирација, мотивација како и за поврзаноста на неговата професија со креативното пишување.
Господине Шехиќ од каде црпите инспирација за пишување?
Од секаде, но најмногу од моите сеќавања. Понекогаш предизвик за пишување книга може да биде повторлив сон, како на пример романот „Книга за Уна“ е создаден како директен резултат на повторлив сон. Понекогаш тоа може да биде колапс на љубовна врска или смрт на некој близок. Понекогаш содржината е внатре во вас и таа едноставно мора да излезе. Понекогаш од сопствената биографија или туѓи животни искуства. Тоа е широко поле. Инспирацијата повеќе би ја нарекол импулс, нагон за пишување, искра што ќе запали оган во тебе, а ти тој оган ќе го претвориш во книга.
Што повеќе сакате да пишувате поезија или проза?
Не знам. Последниве години повеќе сум наклонет кон проза, бидејќи мојот јазичен израз најдобро се чувствува во реченица, а таа реченица може да биде и поетска. Меѓутоа, треба да се разликува поезијата од поезијата во прозните книги. Тоа се две различни нешта.
Добитник сте на наградата за литература на Европската Унија за 2013 за романот „Книга за Уна“, исто така за романот сте ја добиле и наградата „Меша Селимовиќ“ за најдобар роман објавен на говорното подрачје на Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Црна Гора. Како ве мотивираа овие награди да продолжите со вашето творење?
Не знам колку ме мотивираа и дали воопшто ме мотивираа, но ми дадоа доволно пари за да ми ја олеснат егзистенцијата во тој момент. Пишувањето доаѓа од лесна досада, а за да ти биде досадно треба да имаш многу време. Тоа е она што парите го овозможуваат.
Вашето прво објавено дело е „Песни во изработка“ во кои војната се појавува како главен мотив. Проживеаните искуства од војната сте ги пренеле и во збирката кратки раскази „Под притисок“, зошто се одлучивте за вакви мотиви?
Тоа беше нешто што морав да го напишам. Не сакам да кажам дека го завршив процесот, ниту дека е воопшто возможно да се заврши. Војната е гигантска тема, целата западноевропска култура произлегува од опсадата на Троја од Хомер.
Вашите книги се преведени на шеснаесет јазици и објавени во дваесет земји. Како се чувствувате кога ќе дознаете или откриете дека некој човек од друга држава ги чита вашите стихови или романи?
Тоа е големо задоволство, поголемо од која било книжевна награда или пофалба за некоја книга. Кога книгата се преведува на друг јазик, таа станува малку поинаква книга. Влегува во меморијата и свеста на луѓето кои никогаш нема да ги сретнете, а токму тие луѓе ја одржуваат вашата книга жива. Преведената книга станува дел од културата на јазикот на кој е преведена, нема поголема награда од тоа што вашиот јазик и вашите метафори ги разбираат луѓе од различни страни. Тоа е и доказ дека вашата книга е универзална, бидејќи е препозната од различни култури.
По професија сте новинар. Колку тоа ви помага да ги изразите вашите чувства во вашите дела?
Тоа помага во смисла дека пишувањето за весник е исто пишување, само различен дискурс, различна употреба на јазикот. Пишувањето за весници е една вештина, литературата е друга. Треба да знаете како да го разделите.
Дали некогаш сте биле во Македонија и што ви остави најголем впечаток овде?
Во Македонија сум бил два пати, ако добро се сеќавам. Можеби љубезноста во луѓето, а можеби и тоа: „Потажни се песните, кога си на југ“.
Кога би можеле да изберете еден период од минатото, кој период би го избрале да живеете и да бидете писател и поет?
Шпанската граѓанска војна. Веднаш ќе земев пушка и ќе отидев на фронт да се борам со фашистите.
Кој е вашиот омилен автор?
Немам омилен, повеќе сум политеист, паган.
Кои се вашите планови за во иднина, дали пишувате нешто ново?
Во текот на зимата завршив три ракописи: првиот е роман што го започнав во 2015 година, вториот е репортажна песна за Берлин што ја започнав во 2017 година, а третата книга е нефикционална проза што почнав да ја пишувам на почетокот на октомври минатата година, кога почина татко ми.
Планирам да се одморам од пишувањето, но никогаш не знаеш кога ќе ти се случи нова книга, односно почеток на пишување нешто ново.
Што би им порачале на младите поети и писатели?
Да уживаат во животот, но без самоуништување.
Симона Паскоска