Во галеријата „КО-РА” вчера се отвори изложбата „Бескрајна приказна за една точка“ на Марија Чепишева, академски графичар и графички дизајнер.
Како што информираат од „КО-РА“, делата на Чепишева се работени во фузија на повеќе експериментални техники, често и со богата колажна структура.
“Бескрајна приказна за една точка“ е патување кон еден сон, за едно мечтаење. Приказна на една точка која ја има секаде и која сака да зборува и раскажува. Приказна за точката која е во постојана потрага, која се движи и бескрајно се повторува. Точка која на еден посебен начин ја врзувам со кругот – вечен симбол на постојаност, движење, страст, повторување, почеток-крај, Бог, ембрион, сон, бескрај“, стои во најавата.
Марија Чепишева дипломирала во класата на Димитар Малиданов, а магистрирала на постдипломски студии во класата на академик проф. д-р Фехим Хусковиќ.
Чепишева е добитничка на наградата на ДЛУМ за најдобара графика, како и на откупната награда на НБУЦ „Климент Охридски“.