[Фото] Одржан вториот „КомшиLOOK“ на улицата „Волт Дизни“ во Шуто Оризари

„КомшиLOOK“ е мултимедијален уметнички проект кој има за цел да ја децентрализира културата во Скопје, правејќи подвизи да ги анимира урбаните решенија низ градот, воедно негувајќи го чувството на маалското заедништво. Ова е фестивал каде што креативноста се среќава со заедницата – калеидоскоп на музика, танц, театар и уметност, овој пат викендов во скопско Шуто Оризари, симболично на улицата „Волт Дизни“.

Темата на второто издание, „Видливост”, беше инспирирана од белите ракавици носени од култниот волтдизниевски лик Мики Маус. Се работи за анимиран лик – антропорфен глушец креиран пред 96 години, кој најчесто носи црвени панталони, големи чевли, а токму неговите бели ракавици ги правеа неговите движења поизразени и јасни.

„Белите ракавици, првично дизајнирани од Волт Дизни за да ги направат гестовите повидливи, се совршен симбол за темата на нашиот фестивал: Видливост. Преку овие дигитални ликови, носиме носталгија и иновација“, соопштија организаторите.

Оттука Даниел Пикл, АИ/АР креатор од Хрватска, креираше специјални карактери кои оживуваат кога посетителите ќе скенираат QR кодови, поставени на неколку локации долж улицата—и сите носат бели ракавици, исто како ликовите на „Волт Дизни“.

Истовремено, германскиот визуелен уметник Сајмон Векерт го претстави неговиот интерактивен мурал „YoU NoW“, спојка меѓу уметност и технологија преку Гугл алатката „Google Maps“. Делото ја предизвикува традиционалната невидливост на маргинализираните области, славејќи ја видливоста на заедницата, правејќи ја нивната присутност невозможна да се игнорира.

„Делото на Векерт не е обично обележување на мапа, тоа размислува како технологијата може да влијае на нашите реални околности. Како што Google Maps го насочува нашето движење, така и оваа инсталација го насочува вниманието кон области што често се занемарени, претворајќи ги во симболи на културна присутност и видливост“, посочија од фестивалот.

Роберт Сочацки, визуелен уметник од Полска, направи видео инсталација инспирирана од неговиот престој и поминато време поминато на улицата „Волт Дизни“ во Шутка.

„Во времето поминато со неговото семејство таму, Роберт заедно со неговата сопруга и деца, ги запозна жителите —разговарајќи со нив на мешавина од македонски, ромски англиски, полски и германски јазик играјќи фудбал со нив на улицата и восхитувајќи се на цртежите направени од децата жители. Една незаборавна сцена го фати вниманието на Роберт – едно младо девојче во цветен фустан, занесена во својата игра, радосно трчајќи по улицата, додека нејзиниот татко и баба ја набљудуваа од далеку. Оваа сцена, полна со слобода, радост и љубопитност, остави впечаток на Роберт, фаќајќи го духот на најмладите членови на улицата. Тоа е духот на отвореност и поврзаност што видео инсталацијата на Роберт – соништена атмосфера која ги повикува возрасните да мечтаат барем за момент“, велат организаторите.

Германската уметница Џудит Раутенберг  понуди уникатна инсталација – визуелно искуство преку видео проекции на вештачка магла. Нејзиното дело ја истражуваше идејата за исполнување на празните простори со светлина и геометриски форми, притоа, потсетувајќи ги присутните на основните човечки искуства со светлина и простор.

„Интерактивната инсталација се менува во реално време, како што ветерот ја движи маглата, создавајќи моменти на видливост и невидливост – совршено вклопувајќи се во темата на фестивалот“, објаснија од КомшиLOOK.

Преку фестивалот беа претставени и уникатните цртежи, создадени од 6 меѓународни уметници од 6 различни земји, сите страствени велосипедисти и ентузијасти во трчање.

Воедно, на самиот настан, преку џем сесија со Емин Џијан се собраа заедно сите оние што сакаат музика и свирка. Организаторите ги викнаа посетителите да понесат свои инструменти, своја енергија, за сите заедно да направат музичка магија.

Во продолжение, потсетување и на првото издание на КомшиLOOK, кое се одржа во Железара.

Фото: КомшиLOOK