РКЕ: Грејната сезона започнува на 15 октомври, корисниците да ги проверат инсталациите и да ги подмират сметките

Грејната сезона започнува на 15 октомври и завршува на 15 април 2025 година, најави денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ). Но, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12ºС, тогаш грејната сезона може најрано да започне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.

Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот, како што велат од РКЕ е должен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 ºC.

„РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите, и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници. Во исто време РКЕ и со официјален писмен допис
побара од снабдувачите со топлинска енергија информација за спремност за старт на грејната сезона“, посочија од Регулаторната комисија.

Оттаму потсетија и дека согласно последната одлука од 1 август, сметките за топлинска енергија за домаќинствата се пониски за 3.16%, додека околу 1.200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење ќе имаат пониска цена за 17%