Македонија одвојува само 0,38% од БДП за научно- истражувачка дејност, поради што се наоѓаме на “опашката“ во регионот според парите за инвестирање и развој на овој сегмент кој е основа за развој на економијата, здравството, бизнисот, пишува Порталб.мк Академската година почнува со зголемен број на студенти а завршува со намален број на дипломци.
Македонија „заостанува“ во однос на земјите од регионот според парите што ги инвестира во истражување и развој
„Подобрување на студиските и на наставните програми, унапредување на активностите на европско ниво, обезбедување на академска слобода и автономија, критериуми за регрутирање и унапредување на академски кадар“.
Ова се само дел од решенијата што се нотираат во Извештајот за работата на Националниот совет за високо образование и научно – истражувачка дејност кој е адресиран до Собранието, за дебата и гласање.
Еден од суштинските проблеми кои се нотирани и во извештаите на ЕУ е отсуство на напредок во истражувачката дејност која е база за развој на општеството, на економијата, здравството, бизнисот.
„Загрижува што според ЕУ во Северна Македонија не се забележува напредок во однос на Европската повелба на истражувачи. Ако се анализира според бројот на вработени истражувачи очигледно е дека Македонија вработува убедливо најмал број на истражувачи во регионот, односно на 1 милион жители вработува двојно помалку од Хрватска и шест пати помалку од Словенија“, – се наведува во новиот извештај.
Според податоците во 2023 та во државата имало 3 361 лице што се занимавало со истражувачка дејност но од нив 1 976 истражувачи а останатите биле техничка и стручна поддршка. Иако биле направени два обиди за посериозни вложувања во истражувачката дејност и била набавена опрема , сепак отсуствуваат позначајни резултати поради тоа што немало пари за одржување на опремата , немало ниту соодветен и стручен кадар ниту пак финансии за тековни трошоци за работа.
Буџетските податоци покажуваат дека изминатите години средствата за наука од 1,3 милиони евра во 2021 та се зголемиле на 3,5 милиони евра во 2023 и 2022 та но и покрај тоа инвестициите во истражување и во иновации остануваат ниски, со 0,38% од БДП.
„Трендот на постојано ниските инвестиции во истражување и развој е уште понагласен ако се споредиме со просекот на ЕУ од 2,24% од БДП но и во однос на земјите во опкружувањето. Во регионот Србија посветува најголем дел од својот БДП на истражување со 0,9% а Црна Гора троши 0,49% од својот БДП“, – информира Националниот совет за високо образование и научно – истражувачка дејност.
Не нема во друштвото на 1 200 најдобри на Шангајската листа
Еден од најважните показатели за квалитетот на високобразовните институции е Шангајската Листа на која лани нема ниту еден наш универзитет на листата 1 200 најдобри во светот.
„Интересно е што рангирањето главно се врши врз основа на показатели за научна продуктивност и квалитет, кои вклучуваат број на добитници на најпрестижните научни награди, најцитирани научници, индекс на цитираност на трудови итн. На Шангајската листа за 2023 та нема ниту еден македонски универзитет за разлика од Универзитетот во Белград кој е меѓу 301 и 400 место , покрај универзитетите од Загреб, Љубљана и Нови Сад кои се рангирани во првите 1 000“ – наведуваат научниците – истражувачи и посочуваат дека најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ако сака да се најде во проширената Шангајска листа од 1 200 универзитети треба петкратно да го зголеми бројот на публикации на автори.
Високото образование изминатата деценија доживува тектонски поместувања и во однос на квалитетот и во однос на бројот на дипломци. Иако лани е зголемен бројот на запишани студенти, бројот на дипломирани се намалува. Интересно е дека бројот на дипломци на државните универзитети се приближува до бројот на дипломирани на приватните универзитети. Статистиките покажуваат и пад на бројот на дипломирани магистри и доктори на науки.
Според податоците од годишниот Извештај на Националниот совет за високо образование, лани бројот на магистри во однос на 2022 та е намален за 2,9% а на доктори на науки за 11,7%.
Науката во континуитет бара сериозни инвестиции во високото образование но и во научно – истражувачката дејност. Новиот Закон за високо образование ќе ја чека следната календарска година, но според информациите од Министерството за образование се кројат нови критериуми за напредување на академскиот кадар, укинување на одредени научни катедри за кои нема интерес, односно намалување на факултетите. Од друга страна пак професорите веќе алармираат дека треба да се променат и критериумите за државна поддршка на универзитетите но и да се отвори битка со корупцијата и непотизмот во високото образование.
Во земјава има шест државни универзитети, еден приватно-јавен, десет приватни универзитети, три странски и осум високи стручни школи.