Израел утрово изврши инвазија на Либан, која израелските одбранбени сили (ИДФ) ја нарекоа „ограничена копнена операција“ во јужен Либан, чија цел е Хезболах, пренесува Данас.
По најавата на Израел дека започнува „ограничен упад“ во јужен Либан, портпаролот на израелската војска Авичај Адрае утринава издаде соопштение, во кое им порача на Либанците да не патуваат со возила од север до регионот јужно од реката Литани „од лични безбедносни причини“.
„Во јужен Либан се водат тешки борби, а елементите на Хезболах ја користат цивилната средина и населението како жив штит за да извршат напади“, се вели во соопштението на Адрае.
Реката Литани, на околу 32 километри северно од границата меѓу Либан и Израел, го дели пограничниот регион од остатокот на Либан.
Израел бара Хезболах да ги повлече своите борци северно од реката Литани од почетокот на борбите на 8 октомври. Хезболах одби да преговара за своето присуство јужно од Литани додека не се постигне прекин на огнот во Газа.
Израелски авиони извршија напади врз повеќе од десет цели во јужен Либан во текот на ноќта, додека во понеделникот вечерта гранатираа области кои Израел ги прогласи за „затворена воена зона“. Израел, исто така, ги нападна, како што рече, „инсталациите на Хезболах“ во Дахија, јужно предградие на Бејрут, во последователни бранови воздушни напади.
Хезболах соопшти дека дека целел на израелските војници кои, поддржани од ракети и гранатирање, се приближувале до сината линија што ги раздвојува Израел и Либан, повлечена од ОН. Групата соопшти дека пукала врз израелските војници во Метула, град на израелската страна на линијата, во понеделникот наутро.