Музичко-сценскиот и танцов перформанс „Безвременски прикаски“ ќе се одржи утре (2 октомври) во 21:30 часот во киното Фросина во Младинскиот културен центар во Скопје.
Станува збор за претстава во која четворица актери преку танцови форми и техники оживуваат седум раскази на познатиот писател Франц Кафка. Режисерка е Ирена Лозинска, а во претставата играат Исидор Јованоски, Ана Левајковиќ Бошков, Хакан Даци и Нела Павловска.
Енес Беговски е автор на музиката за претставата, и тој со својот Ханг (ударен музички инструмент), ја дополнува
атмосферата со живи музички ефекти. За визуелните ефекти е задолжен Видео Арт, кој преку видео бим ќе создаде дополнителна сценска магија.
„Претставата трае 45 минути и нуди уникатна можност за актери да се изразат преку иновативни танцови форми и да ја искористат својата способност за импровизација“, се вели во најавата.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на РС Македонија.