По повод одбележувањето на 50-годишнината од своето постоење, Францускиот институт во Скопје, во тесна соработка со манифестацијата „Бела ноќ“, информира дека ќе се изведе претстава на отворено со улично дефиле – „Сонот на Ербер“, во изведба на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет.
Настанот ќе се одржи в сабота 5 октомври 2024 година, со почеток во 20:00 часот со дефиле кое поаѓа од пред Музејот на Град Скопје. Трупата потоа продолжува низ улица „Македонија“, преку Камениот мост, до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата во 20:30 часот.
„Пет обемни фигури, високи 4 метри, на познатата театарска група од Франција, низ волшебна музика, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото“, се вели во најавата.
Претставата е наменета за сите возрасти.
На крајот на настапот на гостите од Франција, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен како „Франција во светлина“, во чест на 50 години Француски инситут во Скопје.