МНР: Македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан

Поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните кои се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум.

Оттаму потсетија дека на СОС дежурните телефони на Министерството +389 75 273 732 и +389 75 268 736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378, која е целосно екипирана и ставена на располагање за македонските државјани.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе продолжи да ги следи состојбите во Либан, Израел, Иран и регионот и навремено да ги информира нашите државјани за евентуални насоки за постапување“, посочија тие.

Од ресорното министерство го осудија синоќешниот ирански ракетен напад врз Израел, како и терористичкиот напад во Тел Авив, при што беа убиени шест цивили, а Амбасадата во Тел Авив веќе стапила во контакт со надлежните институции на Израел, со цел потврда дека меѓу жртвите и повредените нема државјани на земјава.