[Рецензија] Кон „Ќе направиме нешто за војната, родот и слободата, ќе се вика: ‘Што би рекла Челзи?’“

Во ситуација кога протекуваат сензитивни информации за воени дејствија на една од најголемите воени сили во светот и кога укажувачот (whistleblower) денот по судењето го менува својот род, што го задржува вниманието на пасивниот слушател? Кој факт е посилен и која информација побрзо се меморира кога некој првпат слуша за Челзи Менинг? 

„Ќе направиме нешто за војната, родот и слободата, ќе се вика: ‘Што би рекла Челзи?’“ е мултимедијално театарско предавање-перформанс кое ги отвори овие прашања на 58. издание на Белградскиот интернационален театарски фестивал (БИТЕФ) што се одржува деновиве.

Во две простории во подрумската галерија на Културниот центар во Белград во речиси дво-часовна изведба, авторите и актери Ирена Ристиќ и Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур ја поведоа приказната на Челзи Менинг, трансродова жена и укажувачка (a поранешен разузнавачки аналитичар во американската армија), низ јавен, интерактивен „претрес“ на протечените документи и мемоарот „README.txt“ објавен во 2022 година.

Претставата почна без најава и затемнување светла, туку во пригушена светлина со прошетка околу маса со реплики на документи од случајот Челзи Менинг во Американскиот суд (изготвен за шпионажа, по протекувањето на документите за војната во Ирак и војната во Авганистан, што Челзи ги има прикачено на Викиликс во 2010 година). Тука беше и примерок од нејзината книга есеи и макети кои го реконструираат случајот, како таа на хеликоптерскиот напад во Багдат во 2017 година, познат под името „Колатерално убиство“ во кој загинаа и двајца новинари.

По кратката презентација, дел од публиката останува „зад завесата“ од каде фокусирано ја слуша претставата која се сведува на форматот разговор-предавање-глума проследена со аудио-визуелни ефекти. Останатиот дел останува во просторијата со актерите, околу масата и дискутира колку и што знае за случајот Челзи Менинг. Дискусијата која и овој пат се сведе на тоа дека повеќето не слушнале, или не им се познати деталите, или слушнале само за одлуката Челзи да го промени својот родов идентитет, ги поттикнала авторите да ја креираат претставата.

Тие прво ни читаат дијалог кој е транскрипт на разговори правени со луѓе низ Србија 2022-23 година, а потоа скриптата ја подаваат на некој од публиката додека ни подготвуваат кафе или чај.

Во текот на првите „сцени“ се отвораат многу прашања и присутните од кои дел зборуваат српски, дел англиски почнуваат меѓусебна дискусија. Фактите од приказната на Челзи протекуваат ненајавено и излегуваат директно од прашањата како „Зошто го променил родот денот по судењето?“ или „Дали така се чувствувал отсекогаш, па зошто тогаш се одлучил да се приклучи на војската?“. Прашањата за родот полека надвиснуваат над чекорот кон радикална транспарентност и обезбедувањето на речиси 750.000 класифицирани документи од тајните служби. Тензијата расте како што Живадиновиќ Гргур танцува зад завесата, а додека ние ја гледаме неговата силуета на сина светлина, и слушаме аудио снимка со изјави (или реченици од мемоарот) на Челзи, Ристиќ ги повторува најважните зброви како „Анксиозност, бес и огромен стрес“.

Вистинскиот претрес/сослушување се случува кога Живадиновиќ Гргур облечен во барби-пинк топ почнува да се шминка, а Ристиќ му поставува прашања со призвук на констатации, како „дали е морално тоа што го направи?“, „дали се гордееш со себе?“. Во овој момент тој ја глуми Челзи, а се обидува да ѝ ги возврати прашањата по што следи дебата што води до нивна пресметка. Во еден момент не сте сигурни дали тоа е глума или тие навистина се расправаат за родовиот идентитет на Челзи.

Со тоа, кажаа отпосле, одлучиле да ја решат дилемата дали родот на Челзи или нејзината храброст да ги открие сензитивните информации преовладуваат во нејзиниот случај. Тоа остана директно отворено прашање за присутните на кое некои пробуваа да одговорат, што на крајот се сведе на релативност од различни светогледи и разбирања за овие две големи појави што го обликуваат нејзиниот случај.

Она што ја прави оваа претстава уште поспецифична е што секоја изведба е ново размонтирање на овој судски случај. Различната публика која во одреден момент станува релевантен учесник и соговорник на авторите ја носи приказната во различна насока и секој пат се доаѓа до некој друг заклучок, кој се додава на низата отворени заклучоци. Учесниците на крајот се поканети да допишат прашање, споделат мислење или да нацртаат нешто – да остават свој траг за тоа каква била или каква би требало да оваа претстава, што ѝ фали, што може подобро што сведочи за трансформативниот процес на секоја следна изведба. Авторите од овие белешки на посетителите направиле и цела изложба, а дел од нив ги присвоиле со цел да ја надополнат содржината и да го поткрепат нејзиниот едукативен, но и слободумен карактер.

Последната сцена ја одбележува „столчето на Челзи“. На потпирачкиот дел е закачена шарена кошула што авторите ги потсетила на Челзи, па секој кој сака е добредојден да се стави во нејзината улога и облекувајќи ја кошулата да одговори на прашњата кои ги имаат другите учесници. Секој можеше да напише што прво му доаѓа напамет и меѓу тие од типот на „Дали вредеше?“, „Дали би го направила сето тоа повторно?“ беше и прашањето „Како си Челзи, како продолжуваш да живееш?“ што не може да го одбегне последователното прашање што никнува во сечија глава што го гледаше перформансот: Како некој продолжува да живее после сето тоа?

На интернет лесно може да се најде дека по помилувањето во 2017 успешно се реинтегрирала во општеството станувајќи визитинг професор на Хравард, а авторите на претставата открија дека од август 2022 се вратила на диџејството со што се занимавала и пред затворските денови.

„Ќе направиме нешто за војната, родот и слободата, ќе се вика: ‘Што би рекла Челзи?’“ беше изведена четири пати за време на фестивалот БИТЕФ. Фестивалот трае до 4 октомври кога се затвора со претставата „Трилогија моќта на кучката – | Поглавје: Невеста и добра ноќ, Пепелашке“.

Фотографии и текст: Ангела Бошкоска