Десетици новинари, уредници, проверувачи на факти и комуниколози вчера се собраа во Приштина на годинешната конференција за медиумска писменост која Европската Унија ја организираше за вмрежување на фелата во Западен Балкан. Овојпат фокусот беше на конструктивни новинарски приказни, односно вести фокусирани на решенија место негативни стории засновани на конфликти. Исто така, на предизвикот со дигиталните медиуми кои истовремено отвараат нови можности за поинаква умешност во раскажувањето на приказната. Говорниците и присутните заклучија дека има потреба од поголема координација и поддршка за конструктивните новинарски иницијативи, како и дека новинарство е она кое му користи на народот и ги промовира демократските вредности.
„Конструктивно новинарство е да се гледа светот со двете очи. Не дека не треба да известуваме што се случува таму надвор или што се случи синоќа, светот е во пламен. Но, исто така, наше е да ги препознаеме и позитивните промени во светот кој гори“, потенцираше Томас Ган Ниелсен од Данскиот институт за конструктивно новинарство, модераторот на првиот панел „Обликување на утрешниот наратив“.
Како што наведе тој, без факти нема вистина, без вистина – доверба, а без доверба реалноста не е споделена. Конструктивните приказни јасно ги дефинираат проблемите и му помагаат на општеството да го најде вистинското решение за нив.
„Затоа што, ние новинарите не сме тие кои навистина ги менуваме работите, туку тие кои опишуваат што се случува“, појасни Ниелсен.
Адмир Ќосе, уредник на националната телевизија Алсат во Македонија рече дека последен пат кога ги пребројал порталите за вести во државава биле повеќе од 345. Според него, освен националните фреквенции и неколку онлајн медиуми, останатите пренесуваат што сакаат и не се држат до новинарскиот кодекс. Многу од нив, како што тврди, се појавуваат за време на избори и потоа исчезнуваат. Ситуацијата со големиот број на онлајн медиуми не е нешто многу поразлична ниту во Косово, рече Бесник Велија, уредник на Газета Експрес. Конструктивното новинарство во оваа држава треба да се примени особено кога се известува за конфликтите со Србија, потенцираше тој.
Додека пак, во Босна и Херцеговина се ближат локални избори, но не се известува за локалните проблеми на граѓаните затоа што и таму често медиумите известуваат пред сѐ за високата политика, односно владата, собранието и претседателот.
„Преку истражувања увидовме дека многу често главните актери и извори во вестите кои се пренесуваат се застапниците на државата и партиите. Само 2% од застапените актери во приказните се граѓани и активисти“, сподели Анида Сокол, уредничка и медиумска истражувачка од Медиацентар во Сараево.
Според Тамара Бајчиќ, директорка на Демостат, вистината не умира прва само во војна, туку и во услови на мир, особено кога е вклучена пропагандата. Во 2022 година, кога започна инвазијата на Русија кон Украина, една од најчитаните вести и воедно најпродавано печатено издание во Србија било она на Информер со насловна на која гласи „(ВИДЕО) ШОК! УКРАИНА ЈА НАПАДНА РУСИЈА, КИЕВ ГРАНАТИРАШЕ НАСЕЛБА НА ТЕРИТОРИЈАТА НА РФ?! МОСКВА ИСТРАЖУВА ОД КАДЕ ДОШЛЕ ИСТРЕЛИТЕ – СИТЕ СЕ ПЛАШАТ ОД ШТО ЌЕ НАЈДАТ ИСПИТУВАЧИТЕ НА ПУТИН!“.
„Ова е одличен пример како граѓаните на Србија се мисинформирани за интернационални теми. Односно, ова не е ниту дезинформација, овде имаме чиста лага. Во Србија се справуваме со ова, работиме во ваква средина. За жал, ова е еден од многуте примери“, посочи таа, додавајќи дека таму и националните телевизии се веќе таблоиди.
На ова се надоврза новинарката Ксимена Вилагран од Гватемала која потсети на еден вирален пост на социјалните медиуми, „но не поради хумористичниот аспект“, на кој пишуваше дека можете да забремените од комарец, а луѓето навистина поверуваа.
Втората панел-дускусија „Традиционалните и наследството наспроти дигитални медиуми – Навигација низ дигиталната информациска средина во Западен Балкан“ ја модерираше Роберт Хуки, офицер за стратешки комуникации во Работната група за Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи. Еден од говорителите беше Матеја Агатоновиќ, уредник на онлајн едицијата на Нова економија, кој појасни дека сите медиуми кои не се базирани на клик-бејт се соочуваат со истите предизвици на Фејсбук, Инстаграм, Тик-Ток…
„Медиумите не се наклонети кон кликови и лајкови. Тоа не е наша работа, туку да ја стекнеме и задржиме довербата на граѓаните. Пример, ние сме на Тик-Ток колку да бидеме вклучени, но не треба да ја бркаме публиката која не е наша. Односно, младите ќе почнат да не’ читаат нас откако ќе започнат да штедат за стан“, посочи Агатоновиќ.
Срдан Косовиќ е новинар фриленсер и уредник од Монтенегро со долгогодишно искуство кој потенцираше дека луѓето не можат да прочитаат толку колку што медиумот може да испродуцира. Таму каде работел продуцирале по 170-180 вести дневно. На ова, Агатоновиќ се надоврза дека во Србија постои медиум кој само до пред неколку месеци продуцирал по 400 текстови дневно.
„Нема 400 значајни случувања во цел свет“, заклучи тој.
Уредничката на Коха, Брикенда Реџепи, изјави дека тие не сакаат да бидат оние кои први ќе ја објават веста, туку кои ќе ја проверат.
View this post on Instagram
Конференцијата за медиумска писменост на присутните им понуди учество во Мастерклас по конструктивно новинарство или Вежба за странско мешање и манипулација со информации. Радио МОФ учествуваше во Мастеркласот каде беа разгледани повеќе конструктивни стории од сите земји на Западен Балкан и се разви дискусија за тоа како и колку може да се имплементира ваквото новинарство. Заклучено беше дека е потребна поддршка и меѓусебна соработка на земјите за да се појават повеќе новинари кои ќе ги нудат решенијата, но и дека новинарите веќе тоа го прават при изработка на теми разговарајќи со екперти.
По ова, Албана Јашаника, уредничка и ко-основачка на Катрор Медиа и Мите Кузевски, медиумски професионалец во иновативно раскажување на приказни одржаа инспиративни говори за учесниците.
Ангела Петкова