Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица кои вчера загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола. Во несреќата загинаа радиологот примариус Александар Ристески, гинекологот Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска од приватната болница „Плодност“.
Одлуката за ден на жалост ја донесе синоќа на вонредна седница Советот на Општина Прилеп. Знамињата во Општината се истакнати на половина копје, а сите културни и спортски манифестации се одложуваат за наредниот ден.
Од „Плодност“ вчера преку нивната Фејсбук страница напишаа дека со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примиле веста за тешката загуба на нивниот медицински персонал, кој загина во сообраќајна несреќа.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече менаџерот и сопственикот на болницата Таше Трпчевски.
Оттаму најавија и соодветен комеморативен настан со кој ќе им оддадат почит на загинатите колеги.