Отворен 12. „Џифони Македонија“, започнува и „Edu Cuts“ конференцијата и првите работилници

Повеќе од 400 млади од осум земји ја наполнија салата на киното „Милениум“ синоќа, со што започна 12. издание на Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“. На првиот фестивалски ден имаше проекција на филмот „Последниот пат кога бевме деца“ на Клаудио Губитози.

Директорот Дарко Башески им посака на учесниците да бидат редовни, да учествуваат, да се осмелуваат да кажат што мислат, но, најмногу од сè, да се забавуваат. Тој му се заблагодари на Клаудио Губитози, идејниот творец на „Џифони Италија“, кој пред 12 години „виде потенцијал во нас и веруваше и повеќе од нас самите дека ќе направиме фестивал. Неговиот дух нè води сиве овие години да одиме напред“, рече Башески.

Од името на младите коишто вредно работат на фестивалот, учесниците на фестивалот годинава ги поздрави и Анастасија Јуруковска, која им посака незаборавни денови.

фото: „Џифони Македонија“

Денеска започна работниот дел на фестивалот со првите филмски проекции и работилници.

Најмладите учесници – јуниори – од шесто до деветто одделение во Кинотеката ќе го проследат филмот „Планета 7693“, во режија на Гојко Беркуљан. Во Младинскиот културен центар пак, од денес се среќаваат сениорите и кадетите. Освен краток игран филм, кадетите денеска ќе го гледаат холандско-белгискиот „Кога изгубивме од Германците“.

Највозрасните џифонци, односно сениорите – трета и четврта година средно ќе го гледаат италијанскиот „Моето лето со Ирене“ во режија на Карло Сирони.

Од денеска започнува и програмата „Edu Cuts“ разговори, што е дел од „Edu Cuts“ конференцијата, а ќе започне во 15:45 со презентација на младинска филмска продукција, за зајакнување на младинската креативност.

„Ќе бидат презентирани резултатите од работилниците што се реализираат во рамките на проектот ‘Edu Cuts’, од работилниците што во изминатиот период беа реализирани под менторство на платформата ‘First Film First’ и 20 млади автори ги развија своите први филмски проекти“, велат од „Џифони“.

„Мрежата ‘Edu Cuts’ ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти. Мрежата е дел од проектот ‘Култура и креативност за Западен Балкан’, проект поддржан од Европската Унија, чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание“, додаваат оттаму.

Од 17 часот ќе следува средба со јутјуберот Иван Ајнштајн, кој е музичар, видеомонтажер и камерман, а учесниците ќе можат да научат повеќе за неговиот креативен пат.