[Галерија] Пораки за солидарност со бегалците испратени на 20. Скопски маратон

Пораките „Трчај за бегалците“ и „Поддржи ги бегалците“ ја одбележаа една од водните станици на 20. издание на Скопскиот маратон кој се одржа денеска со рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји кои трчаа во четири категории.

Бројни волонтери на водната станица лоцирана на булеварот „Трета македонска бригада“, организирана од Агенцијата за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР и Младинскиот образовен форум ги бодреа и ги опслужуваа маратонците со вода, но и испратија порака за солидарност со бегалците.

„Волонтирам бидејќи пораката е мошне битна и затоа што многу луѓе се пријавуваат и доаѓаат од различни места. Многу е интересно“, изјави младата Анастасија Ташковска, волонтерка на водната станица која се организира деветта година по ред.

Во меѓувреме, волонтерката Ема Ѓорѓиеска вели дека лично дошла за да донесе среќа и на другите и на себе, со тоа што ќе помогне за тие што трчаат, додавајќи дека искрено ужива во волонтирањето.

„Прва година ми е, и се надевам дека и следните години ќе се пријавувам, бидејќи ова е некое ново искуство и им препорачувам на сите што сакаат и размислуваат да волонтираат – да волонтираат, ќе запознаат нови луѓе и ќе си отидат од тука насмеани и среќни“, рече Ѓорѓиеска.

„Пораката што сакаат да ја донесеме ние, со тоа што волонтираме е дека во животот секогаш треба да помагаме на луѓе во било која смисла, дури и со само една насмевка и да им кажеме едно браво, можеме да им помогнеме премногу и да им дадеме едноставно елан, за да можат да продолжат понатаму, и да се борат, дали е за себе, дали е за другите, дали е за луѓето околу нив“, истакна Ѓорѓиеска.

Еден од волонтерите на водната станица во Аеродром беше и претставникот на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации – УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, кој истакна дека УНХЦР и МОФ се заедно тука на Скопскиот маратон да го прослават овогодишното издание, да ги поддржат маратонците, но исто така и да трчаат за бегалците.

Габриел Гуалано де Годој (во средина) / фото: Радио МОФ

„Со што го вртиме вниманието кон фактот дека светот се соочува со најголемите бројки на лица принудени да бегаат (н.з. од своите домови) поради војни и груби кршења на човековите права. Па затоа, да трчаме во солидарност со оние лица кои имаат потреба од дом“, рече Гуалано де Годој.

Тој ги покани сите да се приклучат на акцијата да го користат хаштагот #Run4Refugees, но и да навиваат, како што направиле и тие на Олимпијадата за Олимпискиот тим на бегалците. На маратонот се приклучија и тројца тркачи од УНХЦР.

„Ова е дел од идејата дека спортот и развојот се поврзуваат. И сакаме исто така да потсетиме на жртвите на конфликтите, но и на бегалците – спортисти кои избегале од војна, како на пример оние кои беа дел од Олимпискиот тим на бегалците оваа година, кои не можеа да трчаат под своите знамиња, но сепак учествуваа на настанот. Ова е пример дека, без разлика кој сте и од каде доаѓате, може да бидете затекнати во таква ситуација, па ова е начин да повикаме на поширок сојуз, на поголема солидарност со бегалците. Каде и да се, може да сметаат на нас, и ве покануваме и вас, за тие да можат да сметаат и на вас“, посочи Гуалано де Годој.

Проектниот координатор во МОФ, Орце Николовски истакна дека заедно со УНХЦР веќе трета година по ред под мотото „Трчај за бегалците“ го поддржуваат Скопскиот маратон и сите тркачи со волонтирање на водната станица.

„Оваа иницијатива, не само што ја подигнува јавната свест за бегалците и предизвиците со кои се соочуваат, туку и го промовира волонтерството и младинскиот активизам. Ваквите иницијативи ја зајакнуваат солидарноста и ги инспирираат младите да се вклучат во активности кои придонесуваат за поинклузивно општество, поттикнувајќи ги да станат активни граѓани“, рече Николовски.

Инаку, ова беше јубилејно 20. издание на Скопскиот маратон, чиј главен покровител е Министерството за спорт, а покровители се и Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.