Првиот македонски долгометражен анимиран филм прикажан на фестивал во Шпанија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја имаше својата светска премиера на 57. издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“ во Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот.

Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио“ беше прикажан во фамилијарната секција. Капацитетите на салата беа исполнети, воглавно со најмладата публика која енергично ја дочека македонската анимација.

Режисерот Цветановски имаше кусо обраќање, пришто на шпански јазик им кажа на децата дека се првите во светот кои ќе го гледаат филмот, на што тие реагираа со воодушевување.

Цветановски по настанот изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата” почна возбудливо, најавувајќи уште многу убави вести наскоро.

„Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со Јон Вардар напишавме историја, и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември“, рече режисерот Цветановски.


Во рамки на фестивалот во Ситџес, анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.

„’Јон Вардар против галаксијата’ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси“, се вели во описот.

Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во кино-салите низ Македонија.