Македонија да ја признае Палестинската држава и да се приклучи кон меѓународните напори да се забрани дотурот на оружје на Израел. Ова го побараа денес активисти и граѓани кои протестираа пред Владата за солидарност со народот на Палестина и Либан.
Денес се одбележува годишнина од терористичкиот напад на милитантната група Хамас врз Израел кога за време на концерт беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 беа киднапирани. Израел возврати на нападот и оттогаш трае војната во Газа, која според министерството за здравство управувано од Хамас, зема околу 42.000 жртви Палестинци.
„Овој датум го избравме намерно бидејќи сакавме да посочиме на фактот дека овој геноцид не почна на 7 октомври и нападот на Хамас не е причината за ова што се случува. Ние го осудуваме и нивниот терористички напад, но многу повеќе го осудуваме одговорот на Израел кој е тотално не сразмерен“, изјави Марија Арсенкова, активистка и дел од организацијата на протестот.
Протестот го организираат студентската иницијатива УКИМци за Палестина, „Fridays For Future Negotino“ и Социјалниот центар Дуња.
„Бараме Владата да го прекине срамниот молк во врска со геноцидот што се случува, бараме да престане со својата ултра вазалска политика особено во Обединетите нации каде што постојано гласа воздржано или против и покрај тоа што многу помоќни земји од нас веќе се произнесоа против геноцидот и за прекин на огнот. Би сакала особено да ја повикам претседателката Сиљановска којашто ни вети женска политика, ни вети политика на емпатија и сочувство да престане да се гордее со сликите на коишто се држи за рака со човек кој е можеби најодговорен за вооружувањето на Израел, Џо Бајден“, рече Арсенкова.
На протестот се читаа преведени изјави на Палестинци чии блиски загинале во тековната војна во појасот Газа. Беа прочитани и колумни кои го истакнуваат ставот на државата Израел, а се побара солидарност со народот на Палестина и Либан каде на 1 октомври ескалираше ситуацијата меѓу Израел и милитантната група Хезболах. Израел со денови лансира воздушни напади врз Бејрут, а како што јавува „Би-Би-Си“ улиците во главниот град се напуштени и врз нив постојано се шири чад од експлозиите.
„Македонија на цело ова страдање не дава хуманитарна помош. Таму (во Газа, н.з) Обединетите нации имаат агенција – УНРВА, во која дури и сојузници на Америка даваат пари, а Македонија како членка на Обединети нации може да дава пари, ама не дава“, рече активистот Здравко Савески и ги повика властите да стават ембарго за вооружувањето на Израел и да ја поддржат јужноафриканската држава во нејзината пријава кон државата Израел за геноцид во Меѓународниот суд на правдата.
Присутните постојано скандираа „Слободна Палестина“, „Доста беше насилство“, „Запрете ја војната“, „Санкции за Израел“ и „Слобода“.
Активистката Арсенкова одржа говор во кој се осврна на интернет коментарите како „Нашата држава се распаѓа, вие барате правда за Палестина“.
„Не се распаѓа само Македонија. Пред глобалниот капитал кој нема ниту вера ниту нација се распаѓа секоја локална заедница и самата идеја за заедништво, самото заедништво како вредност. Кога креваме глас во солидарност со Палестина и со Либан, креваме глас во солидарност со сите жртви на смртоносниот галоп на капиталот. Бидејќи ние не сме борци за Палестина или за Либан или за Македонија, ние сме борци за Слобода“, порача Арсенкова.
Протестот заврши со песната „Живеј Палестино“ од шевдско-палестинскиот бенд „Кофиа“, која ја пееја сите присутни граѓани.
Инаку, ова не е прв протест за солидарност со Палестинскиот народ. Еден се одржа лани во ноември, а вториот собир во кој активисти алармираа државата да го прекине својот молк се одржа во јуни на платото на општествениот кампус на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Ангела Бошкоска