Ваучери од 250 евра за електронски уред, но и до 30.000 евра за бизнис за млади, најави премиерот Христијан Мицкоски во отвореното студио „100 дена Влада“ на Македонската радио-телевизија (МРТ), говорејќи на тема за младите.
Тој истакна дека средствата за електронските уреди ќе бидат понудени во буџетот за следната година за сите студенти, односно над 50.000.
„Фонд од 10 милиони евра со кој ќе се стимулираат стартап бизниси на млади луѓе кои имаат идеја во зависност од бизнис планот во вредност од 1.000 до 30.000 евра. Цениме дека на овој начин можеме да допринесеме многу повеќе отколку да финансираме проекти за тренирање магариња, иновативни рецепти за правење на пица, и така натаму. Дали е доволно, не е, но ќе продолжиме да работиме понатаму“, додаде Мицкоски.
Премиерот посочи дека иселувањето на младите е акутен проблем и дека е потребно владата да направи многу и да понуди повеќе од тоа до сега, за, како што рече, да се задржат младите.
„Сепак младите треба да разберат дека дома при еднакво понудени услови од страна на Владата има можност да се успее. Во моментот потреба од нови млади кадри има буквално во секоја институција. Не е решение да се отиде некаде надвор и да се работи различно од тоа за кое сте се школувале тука. Во таа насока понудивме два проекти кои цениме дека можат да значат додадена вредност“, рече Мицкоски.