Камерниот оркестар на Националната опера и балет со концерт во Виена

Камерниот оркестар на Националната опера и балет денес (8 октомври) ќе одржи концерт во познатата „Ehrbar Saal“ (Почесна сала) во Виена, Австрија.

„Овој исклучителен концерт претставува значаен момент за македонската култура и музика, нудејќи на меѓународната сцена дела од еминентни македонски композитори“, велат од НОБ.

Под диригентската палка на италијанскиот маестро Џанлука Мартиненги, публиката ќе има можност да ужива во богатата музичка програма, во која, меѓу другото, ќе се изведуваат и композиции од Ристо Аврамовски, Благој Цанев, Драган Шуплевски и Дамир Имери.

Специјална гостинка на вечерта ќе биде истакнатата пијанистка Горјана Стојановска, чиј виртуозен настап дополнително ќе го збогати овој културен настан.