Еколошката иницијатива „Здрава котлина“ повикува на протест против леарницата на алуминиум во Ново Село. Протестот е закажан за петок (11 октомври) во 11 часот пред зградата на Општина Ново Село.
„Во Ново Село забрзано се гради објект леарница за лиење на одливци од алуминиум и уште еден објект со посебна градежна дозвола каде ќе се носи алуминиумски отпадоци од секаде, ќе се дробат и компресираат. Нема никакви јавни документи и сè е скриено и маскирано за тоа што ќе се прави, затоа што е спротивно на законот, кој јасно кажува како е правилно! Леењето на легури од алуминиум е обоена металургија со законска класификација Г1.3 и која како тешка и загадувачка индустрија не може да се гради на помалку од 5 км од населено место или заштитено подрачје. Дробењето и компресирањето на алуминиум спаѓа во Г2 и тоа е замајувањето што треба да служи како ‘димна завеса’ за да помине и посебниот објект каде ќе се загрева и лее алуминиумот“, велат од иницијативата.
Протестот се организира под слоганот „Леарницата убиец на природата“, а во рамки на собирот ќе има перформанс „Погреб на природата“.
„Погреб на природата за да дадеме последен поздрав, да се запознаеме зошто е леарницата – убиец на природата, но и да бараме одговорност од сите соучесници“, се вели во плакатот за протестот.
Од Здрава котлина наведуваат дека со ова почнуваат серија на протести и блокади до конечно запирање на проектот за леарница во општина Ново Село.
„Нема да дозволиме леарница на алуминиум да оперира до реката и изворите за вода на Ново Село. Нема да дозволиме нашите деца да дишат воздух со емисии од отпади од леарница. Нема да дозволиме повторувањ на Велешката топличника хорор приказна. Нема да дозволиме корумпирани, како градоначалникот да нè погребуваат. Ни рудници, ни топилници немаат место во Струмичката котлина“, пишува во најавата за протестот.
Еко-активистите преку протестот ги исткануваат брањата:
- Запирање на градбата на објектот
- Целосна ревизија на проектот со јавно достапни документи
- Поништување на фалсификуваната градежна дозвола за објектот и решението од министерството за животна средина
„Градоначалникот на Ново Село реши да го прекрши законот и иако предупреден од стручни лица, сепак самоволно и незконски, го прогласи објектот каде ќе се загрева и лее алуминиумот за Г2 односно лесна и незагадувачка индустрија, иако во целата класификација на Г2 не постои таков опис! Градоначалникот ги крие документите, а на прашања не одговара, не реагира зошто нема истакнато градежна табла, но затоа праќа кривични пријави за секој што јавно прашува или коментира по социјални мрежи и во исто време ги малтретира граѓаните на Ново Село. Изградбата на леарницата за која е издадена градежната дозвола, ја изведува татко му на градоначалникот и тука во прашање е конфликт на интереси но и трговија со влијание, особено поради постоење на финансиски трансакции пред издавање“, велат еко-активистите.
Од таму нагласуваат дека за сите кривични прекршувања на законот ќе се достават соодветни пријави со докази.