Од 10 до 13 октомври, петте независни битолски културно-партизански одреди, Пондер, Metal Discharge Crew, Контра кадар, Контра библиотека и Слога најавуваат четиридневна културно-ослободителна офанзива.
„Програмата ќе биде полна со музика, филмови и книги, одбележувајќи го 11 Октомври, денот на почетокот на борбата против фашистичкиот окупатор. Сите настани ќе се случуваат во ‘Радост’“, соопштуваат здружените организатори.
Според досегашните најави, на 10 октомври од 21 часот ќе се случува свирка со „VxPxOxAxAxWxAxMxC“ од Австрија.
„’VxPxOxAxAxWxAxMxC’ се мешавина од слеминг дет метал и гор грајнд кој во комбинација со нивниот зајадлив хумор, сигурно нема да ви е досадно на нивен концерт. Имаат неколку помали и неколку поголеми изданија, но главниот фокус секогаш ќе им бидат настапите во живо“, стои во најавата за настанот.
View this post on Instagram
Истата вечер ќе свират и „МРША“, трио чија музика е „бескомпромисна комбинација на тешки рифови отсвирени во жилав ритам, со поткрепа од зејтин-мрсни бас ноти“.
„Црпејќи инспирација од стонер и слаџ великани како Electric Wizard и Eyehategod, МРША се стреми да ве исполни со ужас и немир, а притоа да ве размрда и разигра“, велат организаторите.
Како последни за вечерта на 10-ти се најавени и „Feral Youth“ – хардкор/металкор бенд од Прилеп. Формиран кон крајот на јануари, со нивниот жесток звук и енергија, четворицата членови создаваат свој пат на сцената на андерграунд музиката.
„Уште од нивниот почеток тие постојано го надоградуваат и усовршуваат нивниот стил, комбинирајќи агресивни рифови со моќни ритми и мелодии“, стои во најавата.
Вториот концертен ден од културно-одлободителната офанзива, засега, е закажан за 12 октомври, кога во „Радост“ ќе засвири српската експериментална рок сензација „Клотљуди“.
View this post on Instagram
„Нивните ексцентрични перформанси во живо, проследени со музиката која ја создаваат ги издвојува како уникатен феномен на андерграунд сцената, спојувајќи ги надреализмот, страста и бунтот со нивната катарзична присутност. Со три албуми и многу концертна активност и турнеи позади себе, овие млади ветерани на алтернативната сцена доаѓаат за прв пат во Битола, претставувајќи го нивното најново издание МОДА, издадено за македонската издавачка куќа ‘Мртов коњ’“, соопштуваат организаторите.
Како локална поддршка на концертот ќе бидат битолчаните „Tsar Von Time“, најавени како експериментален рок бенд.
„Инспирирани од голем број на жанрови на модерната музика, се стремат да создадат нов музички свет исполнет со амбициозни аранжмани и етерична лирика. Иако сè уште многу млади, веќе имаат настапувано на многу фестивали и концерти во Битола, а во сабота ќе имаат премиерен настап исклучиво со нивниот авторски материјал“, стои во најавата.
Бојан Шашевски