Јасмина Трошанска: За децата со аутизам треба нов модел за часовите по физичко

„Со инклузивното образование, голем број деца со нарушувања од спектарот на аутизмот се најдоа во редовното училиште. Покрај останатите часови, тие следат и настава по физичко и здравствено образование, кое, како за сите деца, важно e и за нив. Затоа наставниците треба да размислат да го воведат т.н. STEP модел, за да може повеќе да се вклучат и децата со аутизам. Ние веќе подготвивме водич за креирање цели во наставата и подготовки на час, документи што ќе бидат достапни и ќе можат бесплатно да се користат од наставниците по физичко образование“. 

Ова го потенцира Јасмина Трошанска, претседателка на Здружението „Сина светулка“, воедно специјална едукаторка и рехабилитаторка со над 15-годишно искуство во работата со деца со нарушувања од спектарот на аутизам.

Таа нагласува дека физичкото образование, освен што го подобрува физичкото здравје, исто така влијае врз развојот на социјалните, емоционалните и комуникациските вештини.

Јасмина Трошанска

„Со соодветно прилагодени активности и поддршка, на часот по физичко образование можат да се поттикнуваат моторните вештини, преку тимски игри да се развиваат социјалните вештини, регулирање на сензорната чувствителност, подобрување на емоционалната регулација, односно намалување на нивото на стрес и анксиозност и воспоставување на емоционален баланс, зголемување на самодовербата и поддршка на когнитивниот развој. Накратко, придобивките се огромни“, нагласува Трошанска.

Во нашата држава, вели таа, поради процесот на инклузија голем број од децата се во редовното училиште. Сите наставници се соочуваат со предизвик за тоа како да ги вклучат овие дечиња во активностите на часот.

„Иако, навидум изгледа едноставно бидејќи е ‘час по физичко’, сепак, за да се исполнат целите на часот, не е така едноставно. Пред се’, поради тоа што овие наставници во рамките на своите студии не се стекнуваат со никакви способности за работа со овие деца. Иако почнавме да го менуваме системот на образование заборавивме да им дадеме поддршка на директните учесници, оние кои ја држат наставата“, забележува Трошанска.

Еден наставник по физичко образование, дополнува таа, кога ќе заврши нема никакви знаења за тоа што е аутизам и, пред се’, кои се јаките страни на овие деца.

„Се’ што знаат овие наставници е од лично искуство, од примери во секојдневното опкружување и најчесто постапуваат по пат на интуиција водени од асистентите на децата и од наставниците кои ги водат овие деца. Родителите пак, најчесто се фокусираат на знаењата кои децата треба да ги добијат по другите предмети и го изостануваат значењето на часот по физичко. Така, најчесто се случува ситуација ‘јust keep them busy’ или ‘do whatever you do’“, потенцира специјалнната едукаторка.

Оттука, вели таа, излегле и прашањата: што можеме да направиме и од каде да почнеме?

„Ако сакаме да започнеме инклузивно физичко образование мораме да се водиме според ‘STEP’ моделот. Моделот STEP помага во инклузија во физичкото образование со прилагодување на следните четири варијабли со цел зголемување на учеството на децата со посебни потреби: Простор (S-space) – при планирање и реализација на часот потребно е да се земат во предвид површината каде се изведува часот, околината, големината на просторот за играње, контрастот на боите или одвлекувачите на внимание. Понатаму, задача (Т-task) – прилагодување на задачата/правилата на играта, на пример, времето, темпото или позициите. Исто така, опрема (Е-equipment) – менување на големината, формата, тежината, текстурата, звукот или видот на опрема. Но, и луѓе (P-people) – прилагодување на групирањата на децата или користење на поддршка од другарчињата“, вели Трошанска.

Според неа, најважно од се’ е активностите да бидат забавни, да се отстранат бариерите кои децата би ги спречиле да учествуваат во активности, а наставниците при планирање на часот да започнат да размислуваат и да го практикуваат STEP моделот.

„Ние како здружение веќе една година работиме на развој на програма за работа со деца со аутизам наменета за наставниците по физичко и здравствено образование во рамките на Еразмус + проект кој го нарековме P.E. rfect. Во рамките на проектот, во летото имавме практичен тренинг во Шпанија на кој присуствуваа 35 професионалци од областа на спортот. Исто така, преку веб-страната може да се пристапи кон ресурсите кои ги создадовме и планираме и понатаму да ги развиваме. На почеток создадовме алатка за проценка на децата со аутизам која е иновативна, потоа создадовме водич за креирање на цели во наставата и подготовки за час. Сите документи ќе бидат достапни на македонски јазик и заедно со видео упатствата ќе можат бесплатно да се користат од секој наставник по физичко образование“, посочува Трошанска.

Наскоро, дополнува таа, во соработка со Факултетот за физичко образование и спорт, на 25 октомври ќе се реализира бесплатен практичен тренинг за наставници по физичко образование, а на 15 ноември планираат да направат јавен настан за сите заинтересирани на кој ќе ги пренесат сите нивни сознанија, совети и материјали кои произлегле од интернационалниот проект.

„Проектот е координиран од организација од Ирска, водена од лица кои се во спектарот на аутизмот, но и со искуство во креирање на програми за физичко образование и спорт за лица со различни видови на попречености“, вели Трошанска.

Бојан Шашевски