Националниот „Поетски слем Македонија“ 2024 годинава по 14-ти пат ќе се одржува во Прилеп и ќе трае од 10 до 13 октомври.
Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп, а ќе се отвори на 10 октомври во 18:30 часот со изложба на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, насловена „Hello Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again“ во НУЦК „Марко Цепенков“.
За годинешниот поетски натпревар пријавени се 24 автори од повеќе градови, кои на 11 октомври, со почеток од 18 часот ќе продефилираат низ центарот на Прилеп и ќе рецитираат поезија на повеќе локации.
Дефилето ќе заврши во клубот „Таверна“ каде што ќе се одржат две промоции на поетски книги – „Јазик за двајца“ („Прозарт медиа“) од Пијан Славеј (Бранислав Николов) и „Модра мрежа“ („ПНВ публикации“) од Марина Шокева. Настанот почнува во 19 часот.
Официјалниот слем-натпревар ќе се одржи во киното „Мис Стон“ со почеток во 20:30 часот. Настанот ќе продолжи со отворен микрофон, каде што ќе можат да настапат и гостите од публиката.
Поетска дружба ќе продолжи во резиденцијата „Ана Плетварска“ во село Плетвар.
Третиот фестивалски ден ќе се одржат промоции на книгите „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова – Лори („Чудна шума“) и „Додека спиеш“ („Чудна шума“) на Биљана Стојановска. Промоциите ќе се одржат во клубот „Таверна“ со почеток во 19 часот.
Специјална гостинка на фестивалот е Шенон Саливан од Берлин, која ќе одржи свој музичко – поетски перформанс во киното „Мис Стон“ со почеток во 21 часот.
Саливан е членка на европската поетска платформа „Версополис“, а нејзината поезија е преведена на германски, француски, шпански, ерменски, словачки, холандски и италјански. Има настапувано на повеќе европски поетски фестивали.
Последниот фестивалски ден (13 октомври) учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во црквата „Света Петка“ во населба Точила, а во 10 часот ќе се одржи поетско читање на манастирот Трескавец.
Традиционално за манифестацијата се печати и зборник во кој се застапени сите пријавени автори, а годинава негов издавач е Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
„Благодарност до општина Прилеп и сите општествано одговорни претпријатија и поединци, кои откупувајќи поетски збирки, помогнаа во реализацијата на литературната манифестација“, велат организаторите.
„Поетри слем Македонија“ досега има испратено девет национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.
Годинешниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското.
Дизајнот на фестивалскиот плакат е на уметникот Владимир Лукаш.