Мултимедијалниот настан „Украина е…“ составен од изложба, музички настапи и дегустација на традиционална храна ќе се случи вечерва, 9 октомври, со почеток во 19 часот во Мобилната монтажна галерија во парк на Франкофонијата во Скопје.
„’Украина е…’ има за цел да ја зголеми свеста за состојбите со кои се соочува Украина заради Руската агресија и на тој начин да придонесе кон ширење на вистините за случувањата во Украина, како и да ја зголеми солидарноста кон милиони украински бегалци раселени насекаде низ Европа“, информираат од Центарот за современи уметности (ЦСУ) во Скопје и Асоцијацијата „LOGS“ од Романија.
Изложбата „Украина е…“ претставува кураторски концепт на украинската кураторка Јана Розбицкаја која моментално живее во Темишвар, Романија. Како што велат организаторите, преку серија фотографии ги претставува најважните карактеристики на современата и традиционалната украинска култура, но ги презентира и придобивките што Украина и украинската култура ги дале на целиот свет.
„Изложбата се состои од 10 фото колажи во низ уметничка стилизација оплемента со локални мотиви се содржани најбитните податоци и репрезенти на Украинската култура, наука, традиции и достигнувања. Преку оваа изложба кураторката Розбицкаја се обидува на пошироката публика од една страна да ги претстави вредностите, убавините и посебностите на Украина, истовремено претставувајќи ги и изумите и достигнувањата на полето на науката, медицината, технологијата, спортот и културата кои Украина ги има дадено за целиот свет“, објаснуваат оттаму за изложбата.
Додека пак, во музичкиот дел ќе настапат украинските вокални изведувачи Ана Бречко, Софија Ковалова и Лесја Баженова кои ќе интерпретираат модерна и традиционална украинска музика.
„Посетителите ќе имаат можност да дегустираат вкусови и ароми на традиционална слатка украинска храна, домашно приготвена со љубов од украинските бегалци кои се наоѓаат во Романија“, додаваат од ЦСУ.