Црногорскиот филм „Планета 7693“ во режија на Гојко Беркуљан е најдобриот филм на 12. „Џифони Македонија“ за јуниорите, македонскиот апокалиптичен трилер „М“ во режија Вардан Тозија е најдобар според кадетите, додека за сениорите тоа е „Кога е… пролет е во воздухот“ на полскиот режисер Даниаел Сугавара.
За најдобар краток филм од јуниорите е избран „Последна генерација“, а најдобар ученички филм е „Весниците“. Најдобар ученички филм за кадетите и сениорите е „Писмо што никогаш нема да го добиеш“ од Србија, најдобар анимиран филм е „Lucky’s plan(e)t“ на Марко Васиќ од Србија. Најдобар краток филм за кадетите е „Cicciolina Pocket“ во режија на Клаудио Казаѕа од Италија. Додека пак, најдобар краток филм за сениорите е „Човекот што не знаеше да молчи“ во режија на Небојша Слијепчевиќ од Словенија.
„Режисерот Вардан Тозија ја прими наградата лично и беше посебно благодарен на жирито на ‘Џифони’, истакнувајќи дека тоа посебно му е драго што доаѓа од публика што критички и искрено ги гледа филмовите“, информираат од фестивалот.
Во речиси двочасовна програма, џифонци синоќа во киното „Милениум“ прикажаа што сработиле за само пет дена за време на работилниците на кои учествуваа – сликарската заедно со Дијана Томиќ Радевска, работилницата за филмска фотографија на Елена Бојаџиева Цветковска, работилница за сториборд со Здравко Гиров и Давор Драмиќанин, краток филм за јуниори со Саша Станишиќ, работилница за краток игран филм со Филип Лафазановски и Илија Павлов, како и за краток документарец со Ханис Багашов и Марко Рикалоски.
„Благодарение на нивното најголемо учество на фестивалот и активност, фестивалското жири ги избра четворицата нови учесници на ‘Џифони Италија’ што ќе бидат дел од светскиот фестивал в година. Тоа се Војдан Андоновски, Галена Огненовска, Лука Чашуле и Мила Цветкова. Тие беа пресреќни за можноста“, додаваат од „Џифони Македонија“.
Целата македонска делегација ќе биде формирана и по пат на дополнителни проекции на филмови и дискусии на кои со гласање на најактивните Џифонци ќе бидат избрани уште осум учесници.
„Ова издание на филмскиот фестивал за млади ‘Џифони Македонија’ беше богато со гости, интересни разговори, а тие беа обединети под името ‘Edu Cuts Talks’ конференција. ‘Edu Cuts’ мрежата што ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти“, информираат оттаму.
Мрежата е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ поддржан од Европската Унија, чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Инаку, „Џифони Македонија“ и годинава ја продолжи соработката со „Пакомак“ и до 15 октомври сите џифонци можат да учествуваат на натпреварот за собирање и рециклирање шишиња во вендинг машините на „Пакомак“, акција што е во тек. Најуспешниот во оваа мисија ќе биде награден со патување во Џифони, Италија, на фестивалот в година.