[Инфографик] И по четири години надлежните го занемаруваат Законот за млади

Иако поминаа повеќе од четири години, Законот за младинско учество и младински политики, познат како Закон за млади, сè уште целосно не се спроведува во пракса. Тоа е највидливо во општините каде недостастуваат бројни иницијативи што ги наложува законот. Неуспехот да се отворат канцеларии за млади, да се именуваат службеници за млади како и да се донесат локални стратегии зборува за ниската свест и посветеност на институциите во поглед на младите во земјава.

Овие податоци ги покажува новата анализа на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) која се надоврзува на претходните објавени во 2022 и 2023 година. Извештајот е поделен на четири секции. Во првата, Младинско учество се истакнува дека сè уште нема формирано Национално собрание за млади, а следствено нема ниту Национално советодавно тело за младински политики. Напредок има во бројот на локални младински совети кој за една година скокнал од 19 на 34.

Најголемиот напредок во однос на ланскиот извештај на НМСМ е донесувањето на Националната стратегија за млади која наместо во јанури 2021 беше донесена во септември 2023 година. Стратегијата опфаќа 8 приоритетни области: Младинско учество; Младинско информирање; Младинска работа; Образование; Култура; Здравје; Претприемништво и поддршка пред вработување и Безбедност (насилство).

Заедно со донесувањето на новата Национална стратегија беше донесен и акциски план за неа за периодот 2023-2025 и е првиот акциски план за имплементација на стратегијата, а предвидена е и изработка на втор акциски план за периодот 2025-2027.

„Националната стратегија за млади треба да биде изработена низ консултативен, инклузивен и транспарентен процес и нејзината содржина да биде консултирана со Националното советодавно тело за млади, кое сè уште не е формирано“, се вели во извештајот.

„Споредено со претходните години бројот на општини кои имаат усвоена стратегија за млади варира, но важно е да се напомене дека постојат околности каде што определени општини имале важечки локални стратегии за млади, кои се истечени, а дополнително постојат и општини кои пред донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики креирале и усвоиле сопствени локални стратегии за млади“, наведуваат од НМСМ.

Законот за млади предвидува Агенцијата за млади и спорт да воспостави истражувачки центар за различни теми поврзани со младите. Но, по неодамнешното укинување на Агенцијата и префрлањето на надлежностите поврзани со млади во Министерството за социјална политика, демографија и млади, останува отворено прашањето како понатаму ќе се реализира и на кој начин ќе се регулира воспоставувањето на ваква служба за млади.

Во анализата стои дека и понатаму постои можност оваа обврска да се замени со стратешки партнерства со младински организации со експертиза да спроведуваат истражувања на различните теми од интерес на младите, со цел развојните политики за да бидат засновани на докази.

Младите во буџетите на општините и државата

Во самиот Закон за млади е дефинирано дека за спроведување на овој закон од Буџетот на Македонија годишно се издвојуваат средства во висина од најмалку 0,3%. Дополнително, од буџетите на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје за млади се издвојуваат средства во висина од најмалку 0,1% на годишно ниво.

Согласно со структурата на прашањата, 50 од општините одговориле дека планираат финансиска поддршка за млади во буџетот за 2023 година, но само 29 од нив дале конкректна сума за тоа колку планираат. 49 од општините не дале одговор за што се наменети средствата.

„Она што е забележително во податоците е дека голем дел од општините како такви ги сметаат генерално активностите за спорт и рекреација, доделените средства за граѓански организации и слично, а помал дел од нив издвоиле конкретно средства за унапредување на младинското учество и воспоставување сервиси за млади“, пишува во документот.

На прашањето зошто не издвојуваат пари, општините наведуваат дека не планираат средства за спроведување на законските одредби на Законот од причини што процесите поврзани со нив воопшто не се започнати.

„Иако податоците покажуваат зголемена свест кај општините за алокација на средства од буџетот, конкретно за млади, како отворено прашање ќе остане колку од нив ќе бидат потрошени“, посочуваат од НМСМ.

Ангела Бошкоска