[Став] Зелената агенда е жива, но се губи во политичката магла

Соња Крамарска

Македонија има повеќе од 20 закони и 400 подзаконски акти за животна средина, бројка која ја прикрива незаинтересираноста за напредок во оваа сфера. Со години наназад министрите за животна средина печалат политички поени на таа тема.

Зелената агенда на големо го освојува светот, а Македонија како и во сѐ друго и за тоа доцни. Ако ги слушаме политичарите, земјава е лидер во регионот според инвестиции во извори на обновлива енергија и поддршка на зелена транзиција.

Така се фалеше претходната влада чиј министер Крешник Бектеши одлета дури во Дубаи на климатски самит на ОН за да ја претстави инвестициската програма за енергетска транзиција на Македонија. Таму тој говореше за планот за затворање на електраните на јаглен и префрлување на зелени и обновливи извори на енергија. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поддржа македонската влада во развојот на платформата и ќе ја предводи координацијата со меѓународните партнери.

Програмата предвидува пренамена на електраните кои работат на јаглен со дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија, економска регенерација на Пелагонискиот и Југозападниот регион и енергетска ефикасност, чиста топлина и програма за децентрализирано производство. Планот е затворање на двете електрани на јаглен во Македонија, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија. На тој начин, Македонија за 82 отсто би ги намалила нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.

Но плановите се едно, а нивната реализација е сосем друго. Таа се одвива бавно и се чини дека се движи на маргините на политиката и економијата. Зелената агенда е жива, но како да се губи во политичката магла. Сегашната Влада имаше добар старт претставувајќи ја инвестицијата на „Алказар-Енерџи“ за изградба на 55 ветерници за производство на електрична енергија меѓу Карбинци, Штип и Радовиш за кои премиерот рече дека ќе почнат да се градат во јуни следната година.

Енергетската транзиција е задача која ја презеде актуелната влада во пакетот реформи кои ги претстави во Брисел со цел да добие дел од колачот од Планот за раст на Западен Балкан. Енергетска транзиција, која значи значи трансформација на енергетскиот сектор од производство на енергија од фосилни горива, кон употреба на обновливи извори на енергија, е главниот столб на зелената агенда.

Целта е земјите да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид (CO2) за да ги ограничат ефектите од климатските промени и да го намалат загадувањето.

Загадувањето зема данок во крв

Дека Зелената агенда е повремено жива, говорат и други акции на претходната влада. Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, по повод Светскиот ден на планетата Земја, на својот „Фејсбук“ профил напиша дека Зелената агенда претставува зелена иднина и иднина на просперитет и дека сега е време да се искористи политичката волја за европските реформи и сите да се посветиме на нејзината суштина.

Притоа тој порача и дека новиот инструмент на ЕУ за претпристапна помош (ИПА III), е со вкупен буџет од над 14 милијарди евра за периодот од 2021-2027 година, кој најголем дел е планиран на проекти поврзани со Зелената агенда, за кои рече тој, „мора максимално да ги искористиме“.

Сумата која се споменува доволно илустрира колку е важна Зелената агенда за иднината на човештвото. И премиерот Христијан Мицкоски давајќи отчет за стоте дена потсети дека од 1.01.2026 година почнува примената на карбон-трејд механизмот, а тоа значи сите компании кои извезуваат од Македонија во ЕУ мора да покажат дека производите кои што ги извезуваат се произведени со користење на зелена обновлива енергија.

Меѓутоа динамиката во политиката и притисокот од јавноста наметнуваат други приоритети. Големите пресврти пред сѐ зависат од владите, а владите пак зависат од расположението на јавноста која е постојано гладна за вести од друг карактер, како на пример дали ќе се намалат цените, дали ќе има субвенции, ќе се зголемат ли пензиите и платите. И така некако она што е всушност најважното – здрава човекова околина редовнo останува на маргините и на владиниот и на јавниот интерес.

Македонија, уште пред неколку години ја усвои новата Енергетска стратегија во која е поставено зеленото сценарио, а го ревидираше и Националниот придонес кон климатскиот Париски договор. Земјите од Западен Балкан каде што припаѓаме и ние станаа дел и од Зелениот договор постигнат во ЕУ.

Сето тоа, меѓутоа, се работи на туркање и пресија од Европската Унија. Иако дома треба повеќе да се грижиме за условите во кои живееме. Загадувањето зема данок и буквално во крв, а податоците говорат сами за себе. Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Македонија е поврзан со загаден воздух, се вели во овогодинешниот извештај на УНИЦЕФ. УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија објави нов документ за политики во кој стои дека во 2021, над 5.480 доенчиња во 23 земји и територии низ Европа и Централна Азија починале од причини поврзани со аерозагадувањето. Во Македонија, смртните случаи на новороденчиња кои се поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година.

Не треба да потсетуваме дека ризиците од загадениот воздух кај нас се особено високи. Во јануари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, со просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички кои ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината. Неколку месеци претходно „Гардијан“ објави сторија од Скопје со наслов: „Воздухот имa вкус на изгорена пластика-хроничниот проблем со загадувањето во Скопје“.

Законот за климатска акција во фиока

Но тоа очигледно не е аларм за нашите власти да преминат во позасилена офанзива во оваа област. Законот за климатска акција сѐ уште не може да го здогледа светлото на денот иако со години наназад министрите за животна средина печалат политички поени на таа тема.

Сите рокови предвидени за неговото донесување се пробиени. А токму со тој закон институциите правно ќе се обврзат за спроведување активности за декарбонизација и ќе се обезбеди мерливост на степенот на декарбонизација, првенствено во секторите енергетика и транспорт, но и во другите сектори со потенцијал за намалување на емисиите на стакленичките гасови. Идниот Закон за климатска акција предвидува нови обврски за државните органи и за локалните самоуправи, воведување на нови тела со нови функции, како и нова давачка за загадувачите – јаглеродна такса.

Државните институции ќе мора да формираат институционална структура за мониторинг, известување и верификација на емисиите на стакленички гасови, како и Национално координативно тело за сите мерки и политики за климатска акција на земјата.

Можеби токму тоа е причината што овој важен закон сѐ уште не е донесен? Свеста за почиста човекова околина тешко пробива во Македонија и со години ја губи битката со негрижата и алчноста за профит. Пример за тоа е главниот град, каде секоја зима слушаме меѓусебни обвинувања кој е виновникот за енормното загадување, а станува вистинска „енигма за Шерлок Холмс“ кој е причинителот на загадувањето. Дали се тоа старите автомобили и градските автобуси, дали се ретките индустриски капацитети, дивите депонии, или сите заедно.

Кога сме кај дивите депонии, проценките во последниот Национален план за управување со отпад се дека во земјава има над 2.000 нелегални депонии. Но, и покрај овие бројки и натаму не почнува изградбата за петте планирани регионални современи центри за таа намена и покрај тоа што е одобрен грант од ЕУ и заем од Европската банка за обнова и развој. Во годишниот извештај на Европската комисија за 2023 во Поглавјето 27 се наведува дека во 2024 година властите треба да го направат оперативен регионалниот систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион.

Годината привршува, капацитетите не се изградени.

За рециклирање и да не правиме муабет, има во овој План обврска во 2024 година 70 отсто од пакувањето на производи да бидат рециклирани. Има и други амбициозни цели во Националниот план за управување со отпад, но и брзото поминување на читателот низ неговата обемна содржина е доволно да се види дека најголемиот дел се само на хартија.

Фотоволтаиците бизнис а не спас

Споредувајќи ги личните впечатоци со фактите за состојбата во Зелената агенда, наидов на податок дека Македонија има повеќе од 20 закони и 400 подзаконски акти за животна средина. Тоа е импресивна бројка но истовремено е и бројка која може да се сфати како потреба од хиперпродукција на регулатива со цел да се прикрие незаинтересираноста за видлив напредок во оваа сфера. И во годишниот извештај на Европската комисија за 2023 може да се прочита разочараноста што државата има одредено ниво на подготовка во оваа област но дека генерално има ограничен напредок.

За среќа, тежнеењето кон бизнисот и профитот од фотоволтаиците отворија пат за Зелената агенда, иако тој ист бизнис и профит многу често, како што рековме и погоре, се испречуваат на патот истата да се спроведе. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) од јануари до јули 2024 издаде лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 179,72 мегавати, во 2023 година со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 мегавати, додека во 2022 година се издадени 152,2 мегвати.

Сепак, како и да е, можеме да заклучиме дека Зелената агенда се реализира со променлива динамика, но важно е дека е жива и „здрава“. Еве за крај и едно мало навраќање на неуспешното ребрендирање на една политичка партија која побрза да си презеде заслуги за визионерство во зелената политика, објавувајќи дека своите активности ги префрла кон зелената агенда. Се разбира, потфатот им беше маркетиншки и затоа и неуспешен, па партијата брзо се врати на старите политики.

Останаа само тротинетите со кои министерот и неговите соработници се провозија пред новинарските камери, пред да се фатат повторно за вратите на затемнетите лимузини како илустрација дека од ветување до спроведување има цели километри и години развој во кои Зелената агенда час се губи час е видлива.

*Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Euronews), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. 

**Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА

****Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.