Со цел унапредување на родовата еднаквост и социјалната инклузија во Република Северна Македонија, денеска во Скопје се одржа првата координативна средба на новоформираната Институционална група за креирање политики поврзани со родова еднаквост и социјална инклузија (РЕСИ), информираат во ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, пренесува новинската агенција Мета.
Средбата била организирана во рамки на проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, со поддршка од Британска амбасада Скопје.
„Новата група во која членови се претставници на повеќе релевантни институции има за цел да ги обедини креаторите на политики во областите на здравство, образование и социјална заштита во тестирање на РЕСИ алатки кои ќе бидат пилотирани во рамки на процесот за проценка на влијанието на регулативата (ПВР). Институционалната група е составена од претставници на клучни институции како Министерството за здравство, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, Министерството за јавна администрација, Генералниот Секретаријат на Владата и Собранието“, наведено е во соопштението.
Групата започнала да работи на преглед и развивање на РЕСИ алатки кои ќе можат да се применат при креирање на нови родово инклузивни политики и мерки, кои перспективно би се вградиле во процесот за проценка на влијанието на регулативите (ПВР) и како такви значајни и за креирање на нови закони и законски решенија во наведените области.
Програмската директорка на ХЕРА, Елизабета Божиноска, кажала дека преку оваа иницијатива очекува да се креираат родовно инклузивни политики кои значајно ќе придонесат да се намалат разликите меѓу луѓето и обезбедат еднакви права, можности, ресурси.
Проектот „Заедно за родова еднаквост“ е насочен кон создавање широка мрежа на соработка која ќе овозможи усвојување и примена на политики кои ќе ја унапредат родова еднаквост и социјална инклузија во различни сектори од јавниот живот.