Хрватската поп група„Свемирко“ на 16 ноември од 20:30 часот во „Станица 26“ ќе одржи самостоен концерт, како уште една најава за претстојниот фестивал „Таксират“.
„’Свемирко’ е поп бенд. Иако нивната музика можеби не е поп во класичната смисла на таа дефиниција, тие секако се оние кои ги поставуваат трендовите и ги поместуваат, па дури и ги отстрануваат границите. Клучната личност на ‘Свемирко’, главниот креативен ум зад бендот, Марко Вуковиќ, продолжува да го исполнува ветеното и неочекуваното“, соопштуваат од „Пасворд“, зад кои стои „Таксират“.
Од таму велат дека три објавени албуми, во обратен редослед: „Скаламерија“ од 2020 година, „Тунгузија“ од 2018 година и „Ванилија“ од 2017 година, ја сочинуваат трилогијата „-ија“ на „Свемирко“ од епски размери, а самиот Вуковиќ продолжува да компонира и пишува нови песни и материјали од сосема нов карактер.
Дел од ова е откриено во актуелниот дует „Носи ме на души“ што тој го напиша заедно со Пеки Пеле.
„Спротивно на ‘несмасно изработениот предмет, монтажа или структура’ што ги користи за да го опише својот претходен албум, Вуковиќ несомнено вешто создава рафинирана музика која ‘удира’ токму онаму каде што треба. Како бенд и изведувач, Свемирко внесува новини во нивниот настап во живо, нешто што публиката досега не е навикната да го слуша и гледа, а единствена сигурност е дека никого нема да остави рамнодушен. Движењето е вткаено во сржта на музиката на Свемирко, а мелодиите и ритамот се нишки што ќе ве заробат и ќе ве поттикнат да танцувате, сакале или не“, се вели во најавата за концертот, кој ќе се одржи во соработка со „КОМПОТ“.
Билети се достапни ТУКА.